Книгата „Вера и суеверие; На клетва лек нема; Мојот пат“ (издание на „Гирланда“ од Скопје) од неуморниот проф. д-р Марко Китевски зборува за старите народни верувања и обичаи, кои биле важен дел од животот на луѓето. Во неа авторот објаснува како настанале многу суеверија и какво значење имале во минатото. Покрај тоа, во книгата има и дел во кој тој раскажува за својот живот и за работата како истражувач на македонската традиција.
Ова дело несомнено е лектирно за секој што сака подобро да ги запознае македонската култура и народното наследство.
„Вера и суеверие; На клетва лек нема; Мојот пат“ е всушност шестиот том од „Одбрани дела“ на овој научник, во кој се обединети три негови труда со различен, но поврзан тематски фокус.
Китевски (1950 година, с. Слатински Чифлик, Охридско) е професор во пензија во Институтот за македонска литература. Во својот богат работен век, меѓу другото, бил и заменик-раководител и раководител на Институтот за македонска литература и раководител на Одделението за македонска народна литература при овој Институт. Бил член на редакцијата, извршен и главен уредник на списанието „Спектар“, во повеќе мандати бил член на Советот за македонски јазик при Министерството за култура, исто така бил член и на повеќе комисии при ова Министерство. Автор е на голем број радио и ТВ-емисии, активно бил вклучен во организацијата на поголем број научни собири во земјата и странство.
Автор е на 70-ина книги и над 400 други труда (студии, статии, рецензии, полемики…) објавени во книги, списанија, зборници од научни собири и други пригодни публикации.
Професор Китевски е добитник на наградите: „13 Ноември“ на Град Скопје (2004), „Ѓорче Петров“ на Општина Ѓорче Петров (2008), на највисоката државна награда „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања за Република Македонија од областа на науката (2008), на највисоката државна награда за наука „Гоце Делчев“ (2012), на државната награда „Св. Климент Охридски“ (2016) година, како највисоко општествено признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието и образованието, како и на државната награда „11 Октомври“ во 2024 година како највисоко признание за животно дело од јавен интерес во областа на науката.

Нова книга од Вас. Ова се значајни дела, многу важни. Имавте ли доволно поддршка од државата, од јавноста?
– Секако дека имав поддршка од државата. Едицијата „Одбрани дела“, од која излегоа од печат шест книги, е финансирана од Министерството за култура и туризам на конкурсите што секоја година се распишуваат за финансирање проекти од нациоинален интерес. Без подршката на државата, секако, овие книги не ќе беа објавени.
Друго е прашањето што понекогаш во комисиите има луѓе паднати од небото, што не знаат што е издавачка дејност, не знаат што е формат, не знаат колку фотографиите во боја ја покачуваат цената на печатењето на книгата, колку тврдите корици… Доделуваат средства така од око, па некогаш позначајна книга од потврден автор добива далеку помалку средства од автор почетник за книга чие печатење чини многу поевтино. Ама тие се од „шарените“, тие се ербап луѓе за сите времиња. Тие што во шарената револуција ја рушеа тогашната власт, сега дојдоа на печалба во оваа власт. Се напикаа како крлежи во разни комисии, одбори, владини и невладини организации и каде ли не. И после не оди работата.
Како што пишува Стале Попов: „Сега е мода да си расипан. Само расипаните одат напред, а чесните останаа на опашката. Не е ова војна, та чесните да трчаат напред, а оние што забошотуваат да лежат под сенката. По војната, падна команда ‘на лево круг’ и се разбира дека забошувачите се наредија на чело, а чесните останаа на опашката и се заборавија“.
Инаку, аплицирањето на овие конкурси последниве години толку е усложнето со непотребни документи што човек побргу ќе изработи докторат отколку да ги подготви тие електронски апликации. Навистина, конкурирањето на овие конкурси, наместо да претставува задоволство, се претвора во измачување поради што многумина се откажуваат да конкурираат.
Како ја доживувате врската меѓу традиционалната православна вера и народните суеверија во нашиот регион? Дали тие се во конфликт или може да коегзистираат?
– Што се однесува до прашањето за верата и суеверието, треба да се има предвид дека „нашата вера убава“, како што се пее во народните песни, е стара две илјади години, а суеверието е многу постаро и потекнува од создавањето на човекот и светот. Пред верата да даде свое толкување на постанoкот на светот, на природните појави и сл., пред науката тоа научно да го објасни, човекот си имал свое објаснување за сè она што го опкружувало и што го привлекувало неговото внимание, за менувањето на денот и ноќта, за настанувањето и однесувањето на птиците и животните, за небесните тела, пред сè, сонцето, месечината, ѕвездите, но и облаците, молњите и грмотевиците, дождот и градот итн.
Така настанале народната митологија, самовилите, змејовите, ламјите, вештерките, наречниците итн. Земете ги за пример некрстените денови од Божик до Водици кога, според верувањето, водата не е крстена и разни нечисти сили (караконџули, вештерки…) ги изведуваат своите оргии. Црквата отсекогаш имала негативен однос кон суеверијата или празноверието, како што го нарекува. Но тоа толку се раширило меѓу народот и толку се зацврстило што се задржало до денес.
Цепенков запишал цела книга сеништа со точно забележани личности и места на кои се случиле средбите, потоа голем број соништа со сведоштва за нивно исполнување… Стефан Тановиќ во записите од Гевгелиско многу детално има запишано како се правело преземање млеко од едно стадо и префрлање на друго, па така се случувало некои слаби овци да имаат многу млеко само затоа што некоја баба била многу вешта во изведувањето на ова магиско дејство. За симнувањето на месечината (мисичина сваљувајне) се вели дека било најголем грев. Кога на запишувачот на овие верувања му ги раскажала некоја баба, околу петнаесет пет рекла: „Ристос да е тука! Ристос да биде меѓу нас… Не са вија работи за кажувајне“. Но, сепак, се кажувале и се изведувале и како верувања останале до наше време.
Некои пагански обреди црквата успеала да ги христијанизира, да им даде христијанска содржина и симболика. Така, на пример, наспроти паганскиот обред „Додоле“ кога додолките со многу активности се молат за дожд на некое недефинирано паганско божество „Ој додоле, мили боже“, црквата го утврдила христијанскиот обред „С’крсти“ (литии, ортија, богомолство) кога поворката ја води свештеникот, кога се користат многу црковни предмети: литиски икони, крстови, евангелија, икони…
Тогаш поворката оди низ полето, се посетуваат некои култни места (чешми, бунари, трештени дрвја), се пеат молитви за дожд, се закопува црвено велигденско јајце во нивите, се причестуваат некои бележити дрвја во синорот итн., а молбата се упатува директно кон нашиот Бог Исус Христос („Крсти носам Бога молам, Господи помилуј“).
И народот верувал дека молитвите ќе му бидат слушнати. Константин Миладинов во фуснота кон песната „Скрсти“ сведочи „Вистина, кога бех мал, ојдох с крсти. Небото ко сега паметва беше јасно, а кога се вратихме дома, зароси, после заврна“. Дека паганските обреди жилаво опстојуваат до наше време. сведочат и верувањата со седумте четвртоци од Велигден до Спасовден. кои народот ги вика велики четвртоци и ги држи како празник за заштита од градоносни облаци. Како дете сум присуствувал на настан кога селаните од моето село му ги отпрегнаа воловите на еден селанец од соседното село, дојден да ора во четврток, го избркаа од полето велејќи му дека поради него, ќе настада целото поле.
Овие верувања се остаток од претхристијанскиот период зашто четвртокот бил ден на словенското врховно божество Перун. Во христијанството неговите функции ги има преземено свети Илија, кој е господар на небото, молњите и грмотевиците. Интересни верувања се поврзани со овој светител, на пример, кога грми и светка, народот верува дека свети Илија ја брка ламјата по небото, која иде да го пие бериќетот. Еве уште едно сведоштво за мешање на христијански и пагански елементи.
Дека црквата практикувала постари обичаи и верувања е и денешниот обичај на Задушница пред празникот Духовден (Педесетница, Св. Тројца), како и на самиот празник, кој се смета за роденден на црквата и еден од трите најголеми христијански празници (со Рождеството Христово – Божик и Воскресението – Велигден) на гробовите, но и во црквите да се ставаат оревови гранки, а и според претхристијанските сфаќања оревот имал привлечна моќ за душите на покојните. Да не заборавиме дека Педесетница заедно со Пасха (Велигден) и Преполовение (кај народот познат како Руса Среда) се трите празници што се останати од претхристијанкиот период, односно што Евреите ги празнувале и пред Исус.
Црквата на разни начини настојувала да го истисне суеверието. Проповедала не само против непотребното држење празници туку и против баењата, магиите, курбанот како крвна жртва, неработењето во петок… Фрескописците сликале претстави како ѓаволот врши нужда во чинијата со вода со која се служи бајачката или маѓесницата за да покажат дека баењата и магиите се ѓаволска работа.
Кирил Пејчиновиќ (пред неколку години прогласен за светец од страна на нашата православна црква) во својата книга „Огледало“ (Будим, 1815) жестоко ги критикува луѓето што колат курбан и свештениците што пеат над жртвата и оние што ги празнуваат споменатите велики четвртоци. Останало запишано дека по објавувањето на книгата на Пејчиновиќ, курбанот бил откажан во некои села. Поради проповедите на свештениците, многу пагански обреди биле напуштени, но некоја случајна несреќа била причина луѓето да му се вратат на обредот.
Јеромонахот Јосиф од кичевскиот манастир „Пречиста“ во една беседа „кажувана во Цветоносна недела против некои суеверија“ го поучува населението да ја празнува само неделата како Господов празник, а другите денови во седмицата да ги работи. „Кој од вас, на пример, не знајт оту во недела не треба да се работит никакви рабоќе? А при се што сите знајат, слушам некои по селава фатиле да ја газат божјата наредба – фатиле во недели за ораат, да си копаат и др. Рисјанине, брате, Господ не е неправеден. Неделата имат седум дни, не зел Господ појќето за себе, а тебе помалуто, ни пак разделил по рамно, тебе три, себе три, туку тебе ти дал шесте за работа, а за себе запрел еден за молитва. И ти како светокрадач го крадиш од Господа и тој ден! Од незнание е тоа или од наслушање?!“
Притоа ги прекорува верниците затоа што не ги слушаат црковните лица, туку измислуваат нови празници. „А за празнициве господски, од неделата башка, сме разбрали, оти појќето рисјани не прашуат попот, али некој книжоен црковник, да им кажет кои сет за држење, кои не, туку сами по свое знаење си наредиле и свои празници: Летник (први март), Чуруци (Св. м-ци Кирик и Јулита) седум величетвртоци по Велигден за град да не биел по бериќетот, Прокопија за да не се прокопаат сејдбите, Вртолум (св. Вартоломеј), Очечение, денот во кој се случило „Усеков Крстителја“, се пази през цела година, нож не се отвора, ништо не се искарва од к’шти, од трло и др. и други многу. Среди и патоци сега брго се сонило на некои жени, требало да се држат, да се лежат без работа (не оту ќе појдит в црква) во пресудуачки и препрогоорки еден со други, ја оти пак собрани во анче, в меанче! Оф, жално, Рисјани се викаме, Ристосоа вера исповедуаме, а други закони од својот ум си измислуаме. А ни знајте што рекол Ристос во светото Евангелие: не чоек, жена, врачка, кој да бил, туку и енгел од небеси да слезит и да ви кажуат нешто појќе од она што су ви кажал ја во Светото писмо да го не веруете. Така велит сам Ристос, ама ние не го веруаме негојот збор, туку што ќе ни речат гатали… Оф, простота и суеверие!“
Јероѓаконот Јосиф повикува да се следат Божјите закони она што е напишано во Светото писмо, она што го кажуваат божјите луѓе, поради што народот го повикува често да доаѓа во манастирот. „А кажи ми мили брату, можеш ли со зарек да се куртулисаш од лошото? Можит слеп чоек да ојт прао, ако го не слушат и не веруат во воѓакот? Водач наш е Ристос. Тој јасно ни кажуат во Евангелието сè што е арно и за на овја век и за тој век. Тој ни кажуат оти град биет и секоа лошотија и маките идат на нас за нашите греој оти немаме рисјанска љубов помеѓу себе, оти си правиме лошо еден други му, еден другего се предааме, се клеветиме, со асуми не се проштааме, непроштени и неисповедани се причестуеме. Ете за тие наши убаиње град биет и секое лошо ни се праќат. И ако сами не знајте, прашујте закониците, идете по два-трипати (а вие што сте поблизу и секи празник) во годината и овде во манастирот да ви кажуаме ние, ако и сами да сме грешни, да ви кажуаме и да ви даваме тоа што сме зеле од Господа. А од гатали, врачки, од запишуање, кушање бегајте, бегајте од тие ѓаолски измеќари како од самого ѓаола за да речит за вас Рисос: „Тие сет мои овци зашто гласот Ми го познаваат и Ме слушаат“.
Во записите за Мариово се вели дека мариовскиот селанец е мошне многу суеверен. Крсто Бинев сведочи дека вампири, самовили, зли духови и силни натприродни суштества царуваат и денес во неговата фантазија (…)
Едно од најраспространетите суеверија длабоко вкоренетото меѓу населението е почитувањето на света Петка. Тоа се состои просто од празнувањето на секој петочен ден, но не во чест на воспеаната светица св. Петка, туку поради еден стар обичај останат којзнае од кога и посветен којзнае кому“.
К. Бинев во овие записи вели дека „по однос на празнувањето на петокот, само жените се покажуваат како вистински фанатици. Додека мажите можеле да работат некои полесни работи, како да собираат дрва, да го изнесуваат ѓубрето на нивите, да го поправаат ралото или да копатат, само да се воздржуваат од орање, жените „почнувајќи од вечерта спроти петок, слично на Евреите во сабота, не фаќаат ништо во текот на целиот петочен ден сè до вечерта. Тие неделата не ја празнуваат толку ревносно колку петокот. Многу објаснувања и докази се употребени за да се убедат дека празнувањето на петокот е една груба заблуда, една глупост која не треба да ја повторуваме и ние само затоа што други ја правеле пред нас. Но се покажа дека е сè залудно: селанецот не сака ниту да знае за убедување! И уште полошо – тој тоа го зема како повод да обвинува други за безбожништво, за ерес и за поткопување на христијанската вера.
Владиката, дедо Григориј, вели запишувачот, вложил многу труд за да го искорени овој суеверен обичај строго осуден и од христијанска гледна точка укажувајќи дека да не се работат 52 петоци во годината е голема загуба за полските работи. Меѓутоа, со тоа тој го изгубил влијанието што претходно го имал кај населението.

Ете така во некои случаи обичајот бил посилен дури и од законот. Но, сепак, како најдобро оружје за отстранување на суеверието остануваат верата и образованието.
Македонија има големи заслуги за христијанизирањето на Европа. Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“, која е дел од Светото писмо (Библијата), се истакнува дека, кога светиот апостол Павле се наоѓал во Тријада,. една ноќ имал видение: „…стоеше пред него еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше: Премини во Македонија и помогни ни! По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија бидејќи разбравме дека Господ нè повикал таму да го проповедаме Евангелието.“ (Дела 16-9,10) Како што стои во ова сведоштво, една боогобојазлива жена од градот Тиатир по име Лидија прва се покрстила заедно со сите домашни, а потоа ги поканила апостолот и неговите соработници во нејзиниот дом. „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа! (Дела, 16-15) – им рекла таа. Потоа и многу други жители од овој град биле покрстени, со што се родила првата христијанска општина во Европа.
Затоа може да се рече дека Македонија е вратата низ која христијанството влегло во Европа. Во Македонија тоа ги совладувало сите тешкотии, се судрувало со старите пагански обичаи и верувања. Тука се биеле и првите битки во походот кон Европа и светот. Освен тоа, Македонија ѝ ги даде на Европа и големите просветители, светите браќа Кирил и Методиј, до Европа стигна делото на свети Климент и свети Наум, охридските чудотворци… А што доби Македонија од Европа: поделби, страдања, омаловажувања. Од Берлинскиот конгрес преку Букурешкиот договор, балканските и светските војни до денешното менување на името на државата и обидот за менување на идентитетот. Идентитет граден не со години и децении, туку со векови и милениуми.
Во изминатите времиња не било лесно да се победат и искоренат старите верувања и суеверија. Битката меѓу старите наследени традиции и сфаќања, од една страна, и новите правила на живеење што ги пропишувало христијанството, од друга, била долга и трае до денес, цели два милениума.
Така и денес во македонските обичаи среќаваме повеќе слоеви од народната култура, а христијанството го зазема доминантното место. Денес со големи и масовни свечености се празнуваат големите Господови празници, (Божик, Водици, Велигден, Крстовден…) потоа празниците на Божјата мајка – Пресвета Богородица, (Мала и Голема Богородица, Благовест, Пречиста…), македонскиот народ ги прифатил како свои и го празнува споменот на повеќе општохристијански светители (св. Георгиј, св. Димитриј, св. Никола, св. Петка, големите Господови архангели Михаил и Гаврил, на светители лакари: св. Пантелејмон, св. Кузман и Дамјан и многу други.)
Многу функции на старите словенски божества (на врховниот бог Перун, на богот на водите, богот на стоката, на медицината и др.) се пренесени на овие христијански светители. Така многу од нив станале покровители или заштитници на одделни занаети. Со еден збор се живеело во верата.
Но во текот на многуте векови за христијанството страдале или на друг начин дале придонес во развојот на верата многу ликови од ова поднебје, па така денес македонскиот народ со многу почит го празнува споменот на повеќе свои светители: освен на светите браќа Кирил и Методиј и светите Климент и Наум, охридски чудотворци, уште и на св. Прохор Пчињски, св. Гаврил Лесновски, св. Јоаким Осоговски, св. Злата Мегленска, св. Ѓорѓи Кратовски, св. Спасе Радовишки, св. Нектариј Битолски, св. Иларион Мегленски и други.
Македонската православна црква – Охридска архиепископија како жива црква последниве години прогласи светители што на овие простори живееле и страдале за верата или на друг начин се заслужни за нејзина афирмација. Такви се тројцата пречистански маченици, преподобните 40 битолски маченици, потоа преподобниот Кипријан Слепченски, Варлаам Охридски, Јоаникиј Ракотински, Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, Гаврил Велички…
Тешко е да се одреди границата меѓу реалното и надреалното. Некогаш човечката психа, некогаш заморот, сонот, создаваат кошмарни состојби, кои и образованите лица не може да ги објаснат. Познатиот револуционер од илинденскиот период Петар Манџуков, припадник на анархистичкото крило, во своите спомени опишува две виденија, кои го поколебале, како што вели самиот, неговиот материјалистички поглед на светот.
Првиот пат кога бил во четата на Гоце Делчев, на 4 август 1899 година под врвот Свети Илија над селото Горенци (Драмско) одморале налегнати во прнаровата шумичка. Притоа некои заспале. „Јас добро го слушав раскажувањето на Вангел за неговото бегство од затворот во Демир Хисар и стенкањето на Делчев (Гоце Делчев често страдал од болки во стомакот). Имав целосна свест за она што се случува околу мене и при сето тоа не бев во целосно будна состојба. При целосна свест за околностите што ме опкружуваа, јас ја видов следната слика, која беше така жива, што и досега – по 50 години – ми се задржала во сеќавањето исто таква како тогаш: Го видов Крсто Зарев застанат на едно борово дрво. Наеднаш под него земјата се распукна и густ белузлав чад избувна од пукнатината и го обви боровото дрво. Крсто Зарев пропадна во пукнатината, но по извесно време се покажа со главата на земјата, при што се беше фатил со двете раце за работ на бездната. Тој се мачеше да се искачи горе служејќи се со колената. Работ на пукнатината се откина како парче мраз. Крсто пак пропадна, но пак се покажа и се обиде да се качи горе; одново крајот на пукнатината се откина и тој пак пропадна. Тоа се повтори 5-6 пати и при секое ново откинување и пропаѓање густ бел чад со нова сила излегуваше од бездната. Најпосле крајот на пукнатината се откина и Крсто повеќе не се покажа. Густ бел чад одново обви сè. Јас се стресов, целиот облеан со пот и му раскажав на Соколов за тоа што го бев видел. – Сон. Си видел сон и како и секој сон, си видел разни глупости – одговори Соколов и продолжи да го слуша раскажувањето на Вангел.“
По неколку дена разбрал дека истиот момент кога тој го сонувал споменатиот сон, на 4 август попладне, загинал тој Крсто Зарев, кој малку пред тоа ја напуштил четата на Гоце и се приклучил кон некоја арамиска дружина, која во тој момнент била целосно ликвидирана.
Деталите од сонот што ги опишува Манџуков имаат врска со борбата на живот и смрт што се водела меѓу Крсто и напаѓачот и што завршила со смртта на Крсто. „Ова привидение совпаднато со датумот, времето и околностите под кои загинал Крсто Зарев беше првиот пробив во мојот материјалистички светоглед“.
Другиот пробив во неговиот материјалистичкки светоглед се случил неколку години подоцна, односно на 17 април 1903 година кога се случиле познатите солунски атентати. Имено, тој ден четата денувала источно од врвот Сакарка. „Бевме изморени од долгиот тежок ноќен марш, капнати за сон. Уште штом го избравме местото за денување, сите легнавме да спиеме. (…) Сите од четата заспаа, но тоа не беше сон, туку некаква полубудна состојба, во која реалноста се мешаше со најфантастични привиденија. Овде под врвот Сакарка ја видов следната слика, која и досега повеќе од 50 години ја гледам јас пред себе.
На една полјана покриена со сочна, зелена трева зад која во далечината се гледа морето, се запалени во непрекинат круг големи огнови, чии црвени пламени одвреме-навреме се покриваат од густ, жолто-црн чад. На средината на огновите, фатени за половините, неколку души играа оро, лудо оро. Преку чадот и пламењата во играчите распознавам неколку попови со калимавки, долги бушави бради и црни раскопчани реса, кои се вејат за време на играта. Фатени за половината на поповите, ги гледам Орце, Коста Кирков, Владо Пингов и уште 56 души други; тие играат лудо во орото, ту се наведнуваат напред ту со брзи енергични движења ги креваат главите нагоре, скокаат и ги кршат телата од половината нагоре“. Сеќавајќи се на настанот пред неколку години кога во полубудна состојба во која бил занесен ја видел смртта на Крсто Зарев, Манџуков констатира: „Мојот чисто материјалистчки светоглед беше расколебан откако се констатира дека моето привидение и смртта на Крсто Зарев се беа случиле во едно и исто време. И сега откако се сепнав, откако го видов во полубудна состојба, во која бев занесен, јас бев убеден дека во тој момент, на 17 април 1903 година, на околу 250 километри далечина од врвот Сакарка во Солун умираат Орце, Коста, Кирков и другите мои солунски другари“.
(продолжува)




