Ентони Фаучи, главен медицински советник на претседателот на САД за време на пандемијата со САРС ков-2 вирусот и тогашен директор на Националниот институт за алергија и заразни болести (NIAID), денеска во 8.30 часот по вашингтонско време во американскиот Сенат ќе биде испрашуван пред Комисијата за домашна безбедност и владини работи, со која претседава сенаторот Ранд Пол, републиканец од Кентаки.

Сослушувањето ќе се случи неколку дена откога сенаторот Пол објави повеќе од 1.000 страници од дневниците на Фаучи, што предизвика негодување кај критичарите, кои потоа го обвинија Фаучи за опсесија со славата и за противречности за време на пандемијата на ковид-19.

Влтрепорт“, пренесувајќи делови од неговото гостување на „Фокс њуз“ во понеделникот вечерта, пишува дека секретарот за здравство и човечки услуги на САД (HHS), Роберт Ф. Кенеди Помладиот, изнел сериозно, претходно неоткриено тврдење за Ентони Фаучи.

Тој рекол дека Фаучи доживеал белодробен инфаркт речиси пет месеци откога јавно ја примил вакцината против ковид-19. Кенеди го обвинил поранешниот директор на NIAID дека никогаш не ја известил земјата за тоа и сугерирал дека е можно медицинскиот настан да е поврзан со вакцината.

Националната медицинска библиотека го дефинира белодробниот инфаркт како смрт на белодробното ткиво предизвикано од опструкција во снабдувањето со крв во артериите. Најчеста причина е белодробна емболија, блокада што обично се создава од згрутчување на крвта.

Кенеди нагласил дека дневниците на Фаучи го покажале настанот и тврдел дека тоа било меѓу несаканите последици што се очекувале по вакцинацијата против Ковид.

Во седумминутниот сегмент на Фоксњуз, Кенеди ја поврзал наводната епизода директно со приватниот дневен запис што Фаучи го водел за време на пандемијата. Тој го искористил како еден пример во поширок аргумент дека јавната порака на Фаучи не секогаш се совпаѓала со она што тој го запишувал и снимал приватно.

Извештајот на NIH потврдува дека Фаучи ја примил својата прва доза на Модерна пред камери на 22 декември 2020 година. Пет месеци по тој настан се случила наводната медицинска епизода околу мај 2021 година, истиот период што Кенеди го идентификувал на Фокс.

Јавниот пакет од 1.141 страница ги опфаќа состаноците на Фаучи, медиумските настапи, политичките спорови и приватните реакции од декември 2019 година до декември 2022 година, но, како што пишува „Влтрепорт“, не утврдува дека вакцината предизвикала белодробен инфаркт, а Кенеди не презентирал наод на лекар или клинички запис што ја докажува таа врска за време на интервјуто.

Фаучи функцијата директор на Националниот институт за алергија и заразни болести од 1984 до 2022 или точно 38 години. За време на овој долгогодишен период, тој служел под водство на седум различни американски претседатели (од Роналд Реган до Џо Бајден) и раководел со одговорот на САД против бројни здравствени кризи, вклучувајќи ги ХИВ/СИДА, свинскиот грип (H1N1), Ебола, Зика вирусот и Ковид-19.

Минатиот месец директорката на Националното разузнавање на САД, Тулси Габард, објави декласифицирани документи за кои тврдее дека содржат нови информации за врските помеѓу истражувањата финансирани од САД, Институтот за вирусологија во Вухан и улогата на Фаучи во финансирањето и прикривањето на потеклото на вирусот.

– Пандемијата на Ковид-19 предизвика огромни тешкотии и страдања за милиони наши сограѓани Американци и безброј луѓе ширум светот. По години лаги, цензура и прикривања, американскиот народ заслужува транспарентност, вистина и одговорност, рече Габард во изјава за медиумите.

Објавувањето на документите е најновиот чекор во поширокитe напори на сегашната администрација да ги преиспита одлуките донесени за време на пандемијата, како разузнавачките и научните процеси поврзани со активностите околу Ковид-19. Објавувањето на документите доаѓа во време кога Габард се подготвува да ја напушти функцијата, откако објави дека ќе се повлече, а претседателот Доналд Трамп го назначи Бил Пулит за нејзин наследник.

Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ODNI) соопшти дека документите вклучуваат внатрешна преписка, обвинувања од дојавувачи и разузнавачки информации поврзани со истрагите за потеклото на пандемијата.

Габард, исто така, го обвини Фаучи дека „лажел пред Конгресот под заклетва во 2024 година“.

Фото МИА архива / принтскрин