Уште една странска компанија ја затвора својата инвестиција и ја напушта С. Македонија. За само две години, три американски и германски инвеститори донесоа одлука да го прекинат или да го преселат своето производство, што претставува сериозен удар за економијата и за вработените, се вели во соопштението од ДУИ.

Интегрално го пренесуваме соопштението на ДУИ, која додека беше на власт „ја разви“ автоиндустријата со фабрика за електрични автомобили во Тетово, која никогаш не проработе, како што не се одржа ниедна трка на патеката за Формула 1, што ја најави тогашниот лидер на нивниот коалиционен партнер СДСМ, Зоран Заев:

Ова веќе не може да се претставува како изолиран деловен случај. Инвеститорите гледаат држава без јасна европска перспектива, со испразнет буџет, економска неизвесност, нарушени односи со соседите и сè потензични меѓуетнички односи.

Последиците директно ги чувствуваат граѓаните. Со затворањето на инвестициите се губат работни места, се намалува економската активност и дополнително се зголемува иселувањето на младите и на квалификуваните работници.

Демократската унија за интеграција бара Владата веднаш да соопшти колку работници ќе останат без работа, дали и други компании најавиле повлекување и кои конкретни мерки ги презема за задржување на постојните инвеститори.

Заедно со инвеститорите си заминуваат и работните места, надежта и можноста за подобар живот. Владата мора да преземе одговорност за економската несигурност што ја создаде.

Фото: архива