Проблемот со недостигот на дел од терапијата за онколошките пациенти во моментот е надминат. Дел од терапијата вчера е пристигната на Клиниката, а другиот дел треба да пристигне во наредните два дена и се надеваме дека така и ќе биде, изјави денеска Ана Марјановиќ од здружението „Хема-Онко“. Таа посочи дека преку групата „Пеперутки“ ќе ги информираат пациентите за тоа која терапија во кој момент ќе пристигне, за да не мора на овие високи температури непотребно да доаѓаат и да чекаат за терапијата.

Таа истакна дека не бараат привилегии, единствено сакаат терапијата да биде навремена и континуирана, како и да се надминат проблемите со добавувачите, за да нема застои во набавката.

Појасни дека недостигала терапија за пациенти со рак на дојка – Фулвестрант, Золадекс и Рибоциклиб. Овој пат, посочи таа, недостигала и дел од терапијата што е на позитивната листа, односно дел од цитостатиците што ги примаат болните од канцер на дојка и на дебело црево, но, во моментов, вели,тоа е надминато. Тоа е терапијата што прва пристигнала и пациентите ќе ја примат, рече Марјановиќ и при тоа апелираше да не се создава паника  и непотребен стреск кај онколошките пациенти.

– Баравме поголем буџет и добивме поголем буџет. Тендерот помина во мај, цело лето имаме некакви прекини во набавките за Онкологија. Во овој момент дури не знаеме дали Министерството за здравство е вистинското место за собир, бидејќи ова не е протест и нема да биде протест, барем во овој период. Уште еднаш ќе кажам во моментов набавката е завршена. Терапијата ветена од добавувачите, односно дел од неа пристигна вчера, а останатиот дел ќе пристигне во наредните два дена. Тука сме само да потсетиме дека нема да молчиме доколку недостига терапија за онколошките пациенти, рече Марјановиќ.

 

Таа истакна дека од Клиниката за радиотерапија и онкологија на нивниот фејсбук-профил објавиле дека терапијата е пристигната и дека нема да има дисконтинуитет за пациентите, а нивна желба и надеж е, вели, тоа навистина да биде така. Според неа, недостигот на терапијата во изминатите пет години, без разлика кој е министер и кој е на власт, постојано ги држи онколошките пациенти во неизвесност околу терапијата.

– Македонија пред 25 години, беше лидер во Онкологијата во овој дел од светот. Каде сме сега? Превенцијата е запрена, не е запрена од вчера – ја немаме со децении. Законот за лекови е заглавен, Позитивната листа и покрај подобрувањата што ги направивме во изминатата година, е недоволна и во моментов практично немаме скрининг-програма. Доколку не се почне да се работи на добра превенција и на одлични скрининг-програми што ќе ги откриваат болестите во рана фаза, буџетот за Онкологија постојано ќе мора да се зголемува, бидејќи растат и цените на лековите и бројот на пациенти. Македонија не е држава што во кој било момент ќе има доволно финансиски средства за да ги опслужи  сите онколошките пациенти, рече Марјановиќ.

Таа посочи дека министерот за здравство Сашо Клековски е добро запознаен со проблемите кои ги имаат онколошките пациенти, имале одлична соработка со него во изминатиот период околу Позитивната листа.

-Европската Унија веќе со години работи на планот „Beating Cancer“, а Македонија заостанува. Не можеме да се бориме со ракот со ад хок и краткорочни решенија. Мора да се донесе стратегија за секој сегмент од борбата против ракот, на долг рок, рече Марјановиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека со Министерството се во постојан контакт, разговарале и претходно за тн децентрализација, поддржуваат терапијата да се дава и во другите градови, но вели потребно е подобро планирање и организација, како и соодветни услови за давање одреден вид терапии.

– Целата поента за борбата против ракот е да имаме континуитет. Не е поентата да бараме виновник, сакаме решение. Ако немаме континуитет и долгорочни стратегии, секогаш ќе се враќаме на истото: сè поголем број пациенти поради недоволна превенција, недостиг на терапија, затоа што таа е премногу скапа, лоши закони во однос на набавка кои треба да се променат, рече Марјановиќ и додаде дека ако дистрибуцијата е проблем во Македонија треба да се разговара со комори и здруженија на веледрогерии во државата.

Таа замоли онколошките пациенти да не се користат во дневно-политички препукувања. (МИА)