Кога зборуваме за јавното здравство, мора да зборуваме и за луѓето кои се неговиот најважен столб – лекарите, медицинските сестри, специјалистите и сите здравствени работници, изјави Александра Николовска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
Николовска истакна дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ презема конкретни чекори за решавање на недостигот на медицински кадар и најави вработување на преостанатите 300 приватни специјализанти до крајот на 2026 година. Со тоа, како што посочи, ќе се заокружи предвидената бројка од 600 приватни специјализанти, од кои првите 300 веќе се вработени.
„Приоритет ќе имаат општите и хируршките болници надвор од Скопје, како и дефицитарните медицински профили. Тоа значи дека ќе го јакнеме здравствениот систем таму каде што има најголема потреба“, рече Николовска.
Таа нагласи дека со вработувањето на специјализантите младите лекари добиваат професионална перспектива, а истовремено се зајакнуваат јавните здравствени установи низ целата држава. Според неа, граѓаните од Штип, Тетово, Кичево и другите градови треба да имаат пристап до специјалистичка здравствена услуга во своето место, без да бидат принудени за секој преглед или интервенција да патуваат во Скопје.
Николовска се осврна и на растот на платите на здравствените работници и соработници во јавните здравствени установи. Таа посочи дека во 2024 година средствата за плати во здравството се зголемиле за 10 отсто, за 2025 година било предвидено дополнително зголемување од 5 отсто, а за 2026 година од 5 до 7 отсто.
„За 2027 година предвидено е зголемување од уште 5 до 7 отсто, додека за 2028 година од 7 до 10 отсто. Тоа значи дека во периодот опфатен со договорите растот на платите во здравството ќе надмине 40 проценти“, истакна Николовска.
Посебно внимание, како што рече, се посветува на медицинските сестри и средниот медицински персонал, кои секојдневно се на првата линија во грижата за пациентите. Тие на крајот од 2024 година добиле нето-покачување од 3.850 денари.
„Нашите здравствени работници заслужуваат подобри услови за работа, повисоки плати и сигурна професионална перспектива, затоа што здравствените работници се инвестиција во здравјето на секој граѓанин“, рече Николовска.
Таа додаде дека со конкретни мерки, чекор по чекор, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ гради здравствен систем со повеќе лекари, повеќе специјалисти, подобро платени здравствени работници и поквалитетна здравствена услуга.




