Системот „Безбеден град“ од вчера почнал автоматски да ги детектира и мотоциклите кои се движат со брзина поголема од дозволената.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостувањето во „Сител“ истакна дека првите бројки за казнети моторџии се очекуваат до крајот на денот.

-Нека не се изненадат оние кои глумат дека се моторџии и не ги почитуваат правилата, дека ќе бидат предмет на санкционирање од страна на системот „Безбеден град“, нагласи Тошковски.

Министерот појасни дека е пронајдено техничко решение со кое прекршоците што ги прават мотоциклистите можат автоматски да бидат регистрирани на територијата каде што е имплементиран системот „Безбеден град“.

Засега санкционирањето кај мотоциклите се однесува на прекршоците за возење со недозволена брзина.