Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ објавата на авторот и не ги одразува нужжно ставовите на Денешен.мк)
И ете така, и се налутивме на Јаневска, зашто рече дека малите деца треба да побараат од родителите да им донесат братче или сестриче. Што е безобразлук. Оти деца не треба да се раѓаат. Што ќе ни се. Што ќе ни ги. И тие што ги имаме ни се вишок, зар не? Треба ќејфот да си го гледаме, а не да ги родиш, да ги гледаш, да ги раснеш, да ги образуваш, па да ги носиш по лекари, да ги мислиш каде се по цела вечер, па косата да ти обеле ако претходни не ви паднала, па ова или она… Ајде ви се молам.
И затоа, Јаневска треба да се избрка. Надвор. Исто како и секое детенце кое ќе ја послуша и ќе побара од родителите да му донесат друштво. Што е право – право е. Уште повеќе што ние Македонците, Албанците и да не редам понатаму, не сакаме такви муабети како тој од Јаневска. Да бидеме искрени, муабетот за братче или сестриче е гнасен. Нам ни се гади од такви работи. Оти, ние сме фини, всушност не сме фини, туку префинети. Ние не сакаме некој да ни зборува за такви прљави работи. Правење деца! Фуј! Старомодно. Нечисто. А богами, понекогаш и напорно.
Не, ние сме по опери, по балети, по книги, по три часа чекање на граница за одмор во Грција, ние сме по изложби на слики, по историја на уметноста… така што, немаме време за глупости како што се деца. Е сега, Јаневска е жена од средниот век, додуша, не мора да е ни од средниот век, еве нека е од 19. век, ама е застарена со свеста и умот и не го разбира тоа. Не сфаќа жената и тоа е тоа.
Оти, во крајна линија, зошто ни се деца, ако можеме да ги увеземе. А ние ќе седиме во кафулиња уште од десет наутро и ќе расправаме за Сократ, Хегел, за Маркс и Енгелс, за тоа дали има глобално затоплување или не или, порпиземни теми – колку се небањати тие што не сакаат Бугарите да ги внесеме во Устав без гаранции, за тоа дека сме ги почнале преговорите со ЕУ уште од оној славен момент на Заев, Анѓушев, Димитров, Османи и другите во авионот и за Гугл и Фејсбук кои се на Табановце, а само чекаат Панче пасошите да им ги провери, за тоа дали е подобар Бетовен од Моцарт, дали Радетцки марш е вредно дело или шунд… Зашто, да не се лажеме, ние овде во Македонија сме родени со сина крв, а не црвена. Тоа што го гледаме кога правиме крвна слика, црвената боја, тоа е само оптичка измама на природата, која во тие моменти си поигрува со нас.
Се разбира, во кафулињата не не’ одминува ни великиот муабет за тоа како да си ги продадеме скапите целулитосани газињата на странците за да ни фрлат некоја коска (добро, некому и месо со коската)… и за тоа како да си ја продадеме татковината, ама тоа и не е толку страшно. Всушност, тоа е дежа ву.
Со еден збор, ние ќе се занимаваме со убавини како кинеската свила и кинескиот порцелан (се извинувам ако ви ги повредувам политичките чувства и ориентации кон запад, ама нема бриселска свила и бриселски порцелан), со префинетоста на охридскиот бисер, со Ван Гог, Сезан, Гоген, Моне… и кога тоа е така, нема нам некоја си Јаневска да не симнува од височините на возвишеноста зборувајќи ни за простачки приземни работи. И да не ги одзема вниманието и концентратијата од ориентацијата кон префинетоста.
Навредени биле и тие што не можеле да имаат деца и тие што се мачеле по вештачки пат. Можеби, оставам дека кај некои тоа е така, иако не знам зошто би биле навредени. Зашто не се единствени кои имале мака, кои земале кредити за да добијат дете, на кои лекарите им рекле „тоа е тоа, одете си дома“, кои кренале раце, па одненадеш Господ ги израдувал (добро, не сите, тоа е нормално, Господ со некои си поигрува, иако не сфаќам зошто), не се единствени кои поминале низ сето тоа, па не гледаат ништо лошо во тоа што го рекла Јаневска. Жената едноставно е добранамерна, а дали тоа некому му се допаѓа или не, посебно на ботовите, тоа е веќе друга работа. Во земја во која се спремни пропаганда да направиме и од изјава за за повеќе деца, тоа не еништо чудно.
Но, за секој случај, за да не испадне ѓаволот да дојде по своето по некоја случајност, па родените деца да побараат друштво и некој да се поведе по тоа во моменти на слабост, најдобро е на сопругите, жените, под стомакот, да им ставиме од оние средновековни железни направи, кои мажите им ги „заковувале“ на жените во долниот дел и ги заклучувале со катанец за овие да не помислат на некакви срамни за нас дела. Што ги спречува и мажите да имаат гнасни мисли, оти однапред знаат дека не ќе можат да ги реализираат. Е, сега, ние сме во 21 век и таквите направии сигурно не се како тие средновековните, туку современи, плус во облик на танга, свилени со чипки од страна, рози на врвот од чипката и вткаени титаниумови нишки, така што со нив може да се оди и на плажа, а богами и по улица со провидно здолниште. А клучот од таа направа, секој од нас треба да го голтне. И решен проблем. Јаневска може потоа да зборува колку сака и како сака. Дечиња, а? Боже, боже, каква глупост и духовен сељачизам.
А не дека луѓето не се во право. Оти сме биле сиромашни, оти градот бил во ѓубре, на друг му сметало што сме немале здравство, на трет што урината не му течела во прав млаз, на четврт што баба му имала песок во бубрегот… И на сета таа мака – деца! Ви се молам!
Оти за децата била виновна Владата. Не онаа од порано, не таа од пред тоа, не таа од пред – пред тоа, кога имавме 38 отсто невработеност, а сепак Бране наш го тетовиравме таму каде што сега треба да ја ставиме таа направа, не од време на Владата од војната во 2001, не поради Владата во деведесетите која го изведе најмафијашкиот процес на приватизација во историјата на економијата, а ние молчевме како мулиња.
Не, не, виновна е оваа Влада, Заради неа се иселувале луѓето, и затоа не сме имале деца и сме имале помалку паралелки. Што е точно. Како што е точно и дека Бугарија во 1990 година имаше 9,5 милиони жители, а сега, посебно по примеот во ЕУ – падна на седум милиони жители. Или Романија која во моментот на падот на комунизмот имаше 22 милиони жители, а денес, 36 години подоцна едвај нешто над 20 милиони. Што би значело, тоа е судбината на земјите кои беа заглавени во сиромашаниот социјализам (не, не, кај нас цветаа рози и течеа мед и млеко, нели, само што Тито и во тоа време имаше склучен договор со Германија да прима работници од Југославија, а социјалстичка Македонија имаше 26 отсто невработеност, наспроти денешната од 8 или 9 отсто, која на вештачки начин беше симната на 22 отсто во 1989 година).
Како што е точно и дека во една од најбогатите земји во светот – Шведска, увезуваат мигранти, па имаат проблем со нив, зашто немаат свои луѓе. Исто е и со Германија. Или било која друга развиена земја. И немаат не само чистачи на улици, туку и лекари, медициснки сестри, компјутерџии, инженери…
Е сега, не е тајна дека има дузина такви од оваа Влада кои вреди да ги оставиш голи на сонце на 40 степени и да не ги намачкаш со некаква крема, посебно од второто ниво па надоле, ама, ако сакаме да бидем сериозни, Јаневска со тоа и со помалиот број на ученици едноставно нема врска. Ама, бадијала е тој муабет, зашто на скопска Дрисла нема толку ѓубре колку што во Македонија има испрани мозоци. Во најнова „Бош“ машина за перење од 1000 евра, која пере, суши и пегла (навистина пегла?) во исто време. Односно, едно по друго, не во исто време, да не претерувам и јас сега, ама нели, ова е слобода форма на изразување.
Е, истата Јаневска беше на мета и дека дала стипендија на синот на Антонио Милошоски. Стипендија која не постои. Но, добро, шпекулации, лаги и сл. постоеле и ќе постојат, но мене не ми е јасно како тоа Јаневска е виновна за стипендија која не ја дала, а Дескоска, онаа министерката за образование со висок интелект, толку висок што прифати да биде член на Влада кај еден Зоран Заев, е како таа Дескоска е фина, од Версај излезена и не е виновна за стипендијата од 40 илјади наши долари, долари на моето и твоето дете, за ќеркичето на оној Никола Димитров, кого ВМРО го направи човек праќајки го за амбасадор уште додека низ носот му течеа мрсулиња, и за нејзиното студирање во Холандија. Како, испрани мозочиња, како?
А, во Собранието извештај за работата на Јавното обвинителство и за работата на судиите. Не се појавија ни Савески, ни оној од Судскиот совет. И пратениците наместо тогаш да ја прекинат работата, ја одржаа седницата слушајќи ги обвинитлите како се фалат. И од чии усти течеа прополис и матичен млен. Освен за тоа дека имало малку обвинители (што не е точно) и дека мали биле платите. Трогателно. Ама, да не се повторувам, за тоа сум пишувал стотина пати, за тоа што довербата во правосудството и натаму е два отсто, веројатнио повторно е виновна Владата, Оваа, не онаа во која Заев и Шеќеринска на грациите од СЈО, од кои на секој нормален човек му се повраќа, им делеа предмети. но, кого му е грижа за тоа. Крининал било тоа? Неее! Треба да гони некој за тоа? Неее! Никако. Ама Јаневска рекла за дечињата. Е, тоа е проблем.
Патем, се избира обвинител на местото на Абази. А, да прашам нешто: Абази, чие Обвинителство з аорганизиран криминал со нежен конец за гоблени од некогашната Кооператива го затвори случајот со монтажната болница во Тетово, е избркан од обвинителствово или и натаму влакно не му фали? Вози Мишко, нели? Што ти е гајле!
Ај, доста е за денес. Одам да се карам со едно од децата. Ми го сокриле благото, мамето… Ете, да ги слушав тие кои Јаневска ги нервира, сега ќе си јадев тоа што сакам. Ама, на будалите како мене, а и на вас кои не сте против братче или сестриче, отпосле им текнува, нели?




