Партијата „Единствена Русија“ е во водство на изборите за Државната дума со 57,86 отсто од гласовите, при што се преброени 90,43 отсто од гласачките ливчиња, според последните резултати објавени од руските медиуми утрово.

По неа следуваат КПРФ со 13,84 отсто, ЛДПР со 8,9 отсто, „Нови луѓе“ со 7,94 отсто и „Праведна Русија“ со 4,95 отсто.

Сите партии претставени во парламентот се сметаат за лојални на Кремљ и ја поддржуваат војната на Русија против Украина, појаснува германската агенција.

Антивоената партија Јаблоко беше исклучена од изборите, кои се одржаа во текот на последните три дена.

Гласањето беше отфрлено од страна на набљудувачите на демократијата, западните влади и противниците на Кремљ како ниту слободно, ниту фер, а критичарите ги обвинуваат властите дека ја исклучуваат вистинската опозиција и цврсто го контролираат политичкиот пејзаж.

Изборите од Кремљ се сметаат за важен тест за јавната поддршка за континуираната војна на претседателот Владимир Путин против Украина. Десетици ветерани од конфликтот се кандидираа како кандидати за Единствена Русија.

Единствена Русија, која доминира во руската политика повеќе од две децении, влезе на изборите соочена со значителни економски притисоци, знаци на воен замор и пошироко јавно незадоволство, потсетува ДПА.