По повод Светскиот ден на срцето – 29 Септември, Институтот за јавно здравје организираше теренска акција во трговскиот центар „Дајмонд мол“, посветена на подигнување на свеста за превенцијата од кардиоваскуларните заболувања.

Како што објави директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, граѓаните на акцијата имаа можност бесплатно да го измерат крвниот притисок, шеќерот во крвта, висината и телесната тежина, а преку овие мерења да го пресметаат и индексот на телесна маса (BMI).

На присутните им биле дадени индивидуални совети и препораки за здрава и урамнотежена исхрана, редовна физичка активност, како и поддршка за откажување од пушење.

На настанот присуствуваше и министерот за здравство, д-р Сашо Клековски, а во фокусот беше значењето на примарната превенција и активниот пристап кон сопственото здравје.

„Здравјето на срцето е заедничка одговорност. Грижата за срцето започнува денес. Зачувајте го секое отчукување!“, е пораката упатена по повод Светскиот ден на срцето.