Братислав ДИМИТРОВ за МИА
Не проверувам народни поговорки. Има многу причини, но две од нив се пресудни. Прво, баш во тоа време играм шах. И второ, никогаш не проверувам народни поговорки. Народните поговорки се како народни иљачи. Некои од нив лекуваат, а некои убиваат. Не сакам да ризикувам. Што ако не успеат да ме убијат? Како ќе станам класик? Никако. Само мртов писател е добар писател. Сите ќе се прашуваат што сакал писателот да каже, а завалијата од „технички причини“ нема да може да одговори. Со што автоматски стекнува право некое сокаче да го носи неговото име.
Не сум мрзлив. Прво сакав да работам во фабрика и да тестирам душеци за спиење. Пополнето. После во завод за вработување се пријавив како роб на галија. Таму ми викнаа обезбедување и едвај спасив жива глава. Пробав да бидам барем заменик на некого или нешто, ама доцна сум се пријавил. Во меѓувреме ставиле и заменици на замениците. И на крај станав, да ми извините на израз, писател. Тука почнаа проблемите. Како ќе ги натераат учениците да ме учат во лектири ако ме среќаваат на улица како се влечкам од пазар натоварен со кеси полни со емиш и зарзават? Како ќе ги доживеат моите метафори, алегории и стилски фигури, кога ќе ме здогледаат на „Партизанска“ како местам ланец на точак?
Ако зборуваме искрено и поговорките одамна не ме проверуваат мене. За мене сè поретко се распрашувал и Миодраг Мишолиќ. На разни собиранки почест гостин е пустинскиот којот отколку мојата маленкост. Последен пат бев поканет на печење ракија од Мијалче и неговиот баџанак Рубинчо. Мало друштво, ама одабрано. За што? Наскоро ќе се види. Уште по првата чашка се направивме резил и бербат по сите основи. После на токсикологија дознавме дека брљата што сме ја конзумирале, наместо 50, нашиот експерт Мијалче ја стокмил на 82,5 степени!
Тогаш се случи вистинско чудо. Додека седев потонат на дното во бескрајната белина на креветот, комплетно шпиртосан од проклетата ракија, напуштен од сите а најмногу од моите влечки со кои ги мерев сивите ходници, ја здогледав мојата душа како виси на една гранка на дрвото во болничкиот двор. Во вакви сцени, заради засилен драмски ефект редовно се случуваат уште многу разни чуда, ама ние се одлучивме за три: Хор гаврани со својот реквием го параа небото како блескав нож тенките ципи на велигденско јаре, додека стогодишни дождови се истураа врз нашите разбушавени глави, да не кажам некој потежок збор.
Беше 20 Гроздобер (септември) 1972 година. Ден на светите маченици Трофим, Теофил и други. Во „другите“ спаѓаа тројцата ајвани. Тие бевме ние што наместо нормална ракија користевме течност која во нормални држави се третира како боен отров. Беше иста ваква есен, топла и миризлива како штотуку испечено кравајче. Во дворовите растеше рузмарин а на масата редовно имаше топла супа со кнедли и цело смејство до трето колено. Зборувам за оние денови кога квечерините имаа боја на старо злато, а ноќите на син сомот.
Таа иста година умре Мерлин Монро.
Оваа вест ги завитка во црно сите освен нашата Пауна, која практично остана без конкуренција. Да не претерувам малку? Зависи. Фаталната Мерлинка најмногу истисна од своето бикини, ама наскоро стана невидлива и за своите најблиски. За разлика од неа, Пауна беше видлива за сите нас. Особено кога простираше алишта и некоја гаќичка „случајно“ ќе ѝ паднеше на земја до нејзините нозе. А тие и без штикли стигаа скоро до првиот кат, башка приземје. За останатите нејзини перфоманси исцрпно е напишано во учебниците за доцниот барок.
Тогаш се случи еден настан што го одреди моето пишување па и живот, доколку немате ништо против.
Добре беше најдобар човек и ѕидар од Штип до Пробиштип, а за Баден-Баден и Визбаден се подразбира. За разлика од прецедникот Џон Кенеди, Добре не ја криеше својата „Мерлин Монро“. Потребни се собрани дела за да се опише таа љубов а и тогаш нема гаранција. Има работи што не можат да се објаснат. Една од нив е и животот. Неговата брачна другарка Трајанка, позната шнајдерка, откако ќе мавнеше едно шише вишновка, седнуваше на машината „сингер“ и по цели ноќи шиеше. Едноличниот и ист звук се смета за вистинскиот почеток на техно музиката. Нејзините креации ги бендисуваа само Пабло Пикасо, Салвадор Дали и „старо купујееем…“. Единствена надеж за Добре беа пролетните мразеви и ветувањето на неговата тешта дека од сите вишни ќе направи слатко. Не направи.
Неговиот постар син Сале сметаше дека движењето е залудно губење време, затоа што е најдобро таму каде што си. Својата теорија ја докажа и научно. Не се помрдна од плетената столица во дворот. Добре никако не успеваше да ја свари оваа филозофија. Особено во ситуации кога треба да се смени прегорена сијалица, да се испрати некој на железничка станица или да се оди на систематски преглед.
Сепак, преамбициозно е да се очекува цел Клинички центар да дојде во нивниот двор, за да му прегледа крајници на Сале!
Најмалиот син (нејќе да му го спомне името) ги развиваше сите мускули на телото и смртно се лутеше кога Добре ќе го потсетеше да го рзвива малку и мускулот што е сместен во неговит череп. Кога заличи на Шварценегер, Роки и Тајсон истовремено, отиде да се запише на балет. Таму го одбиле со совет дека најдобро е да работи како „избацивач“ во диско. Тоа буквално го сфатил и ги исфрлил надвор сите гости од диското. Откако добил отказ, резигнирано изјавил: „Со овој народ нема разбирачка!“ И во истиот миг ја напуштил Македонија засекогаш, а можеби и подолго.
Пауна добиваше понуди од разни страни. Само Добре повлече потез широк и голем како Модиљани на своите платна. Уплати полн пансион за двајца во хотел „Палас“ во Охрид. Во време кога одењето од Тафталиџе до корзо беше настан, а од Драчево до „На-ма“ вистинска авантура. Од долготрајната детална истрага и исказите на многубројните сведоци, едно било сигурно: Таа вечер Добре и Пауна на терасата на хотелот биле дел од чудесното зајдисонце. Со широки насмевки и многубројни воздишки, држење за раце под маса вклучено во вечерата. Во еден миг, за да се почувствуваат многу поважни, нарачале коктели од некој љубовен филм. И кога најгласно се смееле, келнерот штотуку вратен од Италија ги спуштил коктелите на нивната маса како две блескави гондоли. Ова е метафора, колку да нема забуни.
Омилен филм на Пауна и беше „La dolce vita“ („Сладок живот“) во кој Anita Ekberg во црн фустан влегува во фонтаната Ди Треви и го повикува Марчело Мастројани. После шестата „гондола“, во нашиов случај повикот гласел: „Добре! Come here!“ И Добре беше на ниво. Влезе во тоа водиштето како Џон Вејн во cowboy saloon, ама попусто. Од Пауна ни трага ни глас. Цела ноќ не мрднал поглед од темните свили на водата, но било залудно. Рано сабајле морал да се соочи со фактот дека од неговата Пауна останале само неколку меурчиња на површината. Грутка мраз се заглави под неговиот џеб на левата страна на кошулата. Грутката се повеќе се зголемуваше а Добре сè повеќе се смалуваше. Тогаш до него наеднаш застана човечка сенка. „Слушај дечко, си ми згазнал на душата!“, крикна Добре гласно додека јато уплашени галеби го шараа небото. Тогаш сфати дека реченицата што се откина од неговите помодрени усни се однесува на него.
Не е пријатно да скокнеш од авион со расипан падобран. Но тоа не може да се спореди со чувството кога ќе откриеш дека самиот си згазнал на сопствената душа. И кога фикусот до неговата маса му се виде како весељак кога го спореди со себе, Добре се помрдна од својата душа. Поточно 168 километри од масата на која седеше, до првата слободна парцела на градските гробишта во „Бутел“. Патем, не жалеше за ништо. Овој пат навистина ќе се одмори од сè.




