Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)
Европа ја тресат протести. Франција, Белгија, Италија, Шпанија, Албанија, милионски собири пред изборите во Србија… И клучно кај сите е дека се бунат поради лошите услови за живот, освен во Србија, каде работите сепак се малку поинакви. Скапи кирии, (не е Европа Македонија каде 80 отсто од луѓето имаат сопствени станови, а види чудо, Народната банка ги заострува условите за станбено кредитирање – демек „балон“ било, Бог да чува и да брани), цените на хрната секојдневно се зголемуваат, здравствените услуги се се’ понедостапни (има земји во кои може да чекаш со месеци само за да се чуеш, а не да се видиш лично со специјалистот), студентите се потешко врзуваат крај со крај… со еден збор, станува се полошо. И решението го бараат во протести. Немаат друго чаре.
Најсмешно од сео тоа е што, политичарите, за се полошиот живот ја обвинуват војната во Укриана, небаре таа ја зголеми цената на железото, на бакарот (до астрономски висини), на градежните материјали, на пченицата, на месото, а нафтата – рака на срце, проблемот со нафтата може да се реши буквално за неколку часа.
Како и да е, во Европа се протестира, па Мелони мора да праќа војници, Макрон апси и види чудо, никој не ги обвинува за диктатура. Кога полицијата тепа, исто така никој не ја обвинува за прекумерна употреба на сила, ниту бара од неа „пропорционален одговор“, а уште помалку ги обвинува властите за задушување на демократијата.
А се сеќавате на нашата Шарена револуција? Наредбата до полицијата беше: немојте да возвраќате, зашто играчите од позадина тоа го чекаат за да падне крв, како на Мајдан. Па полицајците мораа да седат мирно и кога со шипки беа напаѓани пред Владата на РМ, што беше животно загрозувачки за нив и за што во секој друг случај напаѓачите би биле обвинети за обид за убиство, или кога беше палена канцеларијата на тогашниот претседател Иванов во центарот на Скопје. Класичен бандитизам. А погледајте како на тој бандитизам се возвраќа во демократска Европа. Мислите дека можете таму да отидете до полициска станица, како Најчевска кога ја фарбаше нашата полициска станица кај БЕКО и потоа да „кукумјавчите“ ако полицијата реагира? Обидете се само. Само обидете се!
Но, тоа е само еден дел од приказната. Клучниот дел е: дали воопшто некој знае зошто протестираа „шарените“? Зошто беа против Скопје 2014, кога се изградија стотици згради кои и ден денес служат, а среде оргомна светска криза беше потребно за да се одржи нивото на БДП, кога на виделина беше извадена нашата историја која ни е главен проблем со соседите и чии споменици се една од главните туристички атракции во Скопје? Зошто беше фарбана Порта Македонја, мостот кај Холидеј Ин…? Имате поим?
Еве, направете разлика меѓу шарените и меѓу овие кои протестираат во западните земји. Тие таму сакаат подобар и поефтин живот. Не сите, се разбира (бројни демонстранти се мигранти). Но главниот мотив или барем изговор, е тој.
А, овие овде протестираа затоа што се градеше. Таму затоа што не се гради и има се помалку пари, овде протестираа зашто се гради и зашто има повеќе пари. Впрочем, колку треба да имаш ум, за да го гушкаш ГТЦ затоа што од отворен трговски центар во кој од промаја не ти гине ишијас, сакаа да направат затворен современ шопинг мол? Колку? Колку целулит треба да имаш во главата, наместо како секој нормален човек – на нозете и задниот дел, за да го направиш тоа?
За на крај, да видиш дека не било ни за зградите, ни за спомениците, ни за ГТЦ, туку било за да дојде Заев на власт и да те направат „Северен“. Сфаќаш? После 10 години? Веројатно не! Зашто ако сафтиш, ќе си признаеш дек си бил… Ај не е битно што. Ама во ред си со тоа? Демек, викај ме ако треба и грне, само не крши ме?
Тие што стојат зад протестите во Франција и другите земји можеби имаат некаква друга цел и агенда. Засега нејасна. Има повеќе теории, денеска немам намера да ви го земам времето со тоа и да се занимавам со тие теории. Но, луѓето на улица, протестираат за повеќе леб (добро, тоа кај нас тоа така се вика, таму се зборува за брокули, нели?), за полесен пристап до лекарите, за помали кирии, односно за полесно доаѓање до стан (што кај нас очигледно се сфаќа како злосторство кое ја руши економијата, наспроти Николоски кој тврди дека градежништвото чини голем дел од порастот на нашиот БДП)… со еден збор, луѓето ја чувствуваат кризата, чувствуваат дека работите одат наназад, а не нанапред и излегоа на улица. Главно младите, главно студентите.
А, кај нас во голем број протестираа оние што ги нарекуваме „комуњари“ од постарата генерација, кои не можеа да смислат дека државата оди напред под власт која не е на нивната партија, наследничка на Комунистичката партија на Македонија и која го урива системот во кој Македонија за префарбаните со креч комунистите и нивните наследници беше мајка, а за другите маќеа. И тоа маќеа како од приказната за Пепелешка и нејзините ќерки Анастасија и Гризелда.
Зашто порано се знаеше кој може да добие специјализација, кој може да влезе во суд, кој може да биде професор, кој може да има фабрика (милните дечиња на екс комунистите, нели), а потоа дојдоа оние со брадите и почнаа да го рушат тој систем. Далеку се од тоа дека го урнале, бавно оди сето тоа, ама по нешто прават. Да, почнаа и тие да трупаат милиони, ене ги, ги има дузина кои со влечки од Бит Пазар станаа подлизурковци прво на ВМРО, а потоа и на Заев и СДСМ, сега пак на ВМРО и денес имаат станови, џипови, вили на Халкидики или во Словенија, милиони на сметки дома и во странство, сеедно, но знаете – кај нас, уште од времето на Љупчо на Снешка, секогаш беше проблем ако сакате да направите правна држава, а никако не беше проблем ако има криминал кој почнува од врвот – на пример сега од фамозното СЈО, па оди и кон тие со пластични турски или кинески влечки од Бит Пазар. Зашто штом ќе се стегнеа уздите, комуњарските новинари веднаш гледаа дека им е притиснато црвеното копче и почнуваа да „гракаат“, а гушкачите на ГТЦ го креваа гласот зашто им се рушеше и нивниот систем.
Како и да е, разликата меѓу нас и Запад и овој случај останува очигледна. Што би рекол оној Босанец, Младен Јеличиќ-Троко од некогашната славна „Аудиција“ од деведесетите години на минатиот век (на која, јас како миленик на Винона Рајдер која на Ричард Гир му вели дека собира антиквитети), се уште се сеќавам:
„Одам во Италија и кријам топче под три ќибрита да земам некоја пара, ама никој не доаѓа. Кога гледам на другата страна толпа народ. Земал Италијанец три лавора и го крие топчето под нив. Еее, каде е Европа, а каде останавме ние“.
Беше 23 Октомври и помина. Еднаш напишав и ќе повторам: ние на тие луѓе не сме им ни до колена. Не сме достојни ни да ги споменеме. Тука се вбројувам пред се себе.
Сепак, иако досега никогаш не сум го правел тоа ниту со еден премиер, во чест на тие луѓе ќе го цитирам Мицкоски од пред два дена: „Татковината Македонија се создаваше низ лелеци и крици, низ постојана жртва, не низ аплаузи и подарени слободи“.
Така и никако поинаку. И ако немаме почит кон тоа, немаме почит и кон себе.




