За опасностите од морбилите, симптомите, начинот на пренесување и важноста на навремената вакцинација, разговараме со Спец. д-р Марина Николовска Стефаноска, педијатар на Универзитетската клиника за детски болести на Одделот неонатологија.

Во продолжение интервјуто на Стефаноска за порталот Курир:

-Што се морбили и зошто претставуваат сериозна закана за здравјето на децата?

Спец. д-р Николовска Стефаноска: -Морбилите, познати и како мали сипаници, се една од најзаразните вирусни инфекции кај луѓето. Предизвикани се од вирусот на морбили и лесно се шират меѓу невакцинираните лица.

Иако понекогаш се сметаат за вообичаена детска болест, морбилите можат да предизвикаат сериозни, па дури и животозагрозувачки компликации.

Меѓу најзначајните компликации се:

  • Воспаление на белите дробови (пневмонија).
  • Воспаление на средното уво, кое може да доведе до оштетување на слухот.
  • Оштетување на видот, во потешки случаи и слепило.
  • Воспаление на мозокот (енцефалитис), кое може да остави трајни невролошки последици.
  • Пролив и тешка дехидратација.
  • Хоспитализација поради сериозни компликации.
  • Во најтешките случаи, смртен исход.

Особено ранливи се малите деца, невакцинираните лица и лицата со ослабен имунолошки систем.

-Како се пренесуваат морбилите и колку долго е заразно заболено лице?

Спец. д-р Николовска Стефаноска: Морбилите се пренесуваат преку воздухот, преку заразни респираторни честички што се ослободуваат при кашлање, кивање и дишење.

Вирусот е исклучително заразен и може да остане активен во воздухот до два часа по напуштањето на просторот од страна на заразеното лице.

Заболеното лице може да го пренесува вирусот:

  • Четири дена пред појавата на осипот.
  • Четири дена по појавата на осипот.

Токму поради тоа, морбилите се шират многу брзо, а заразувањето може да се случи и без директен контакт со заболено лице во моментот на изложување.

-Кои се првите симптоми на морбилите и како се препознава заболувањето?

Спец. д-р Николовска Стефаноска: Болеста најчесто започнува со симптоми слични на настинка, но со карактеристична клиничка слика.

Најчестите симптоми се:

  • Висока телесна температура.
  • Општа малаксаност и исцрпеност.
  • Сува кашлица.
  • Течење на носот.
  • Црвени, воспалени и насолзени очи.

По два до четири дена од почетокот на симптомите може да се појават таканаречените Копликови дамки – ситни белузлави промени на внатрешната страна на образите, во усната празнина.

Потоа се појавува карактеристичниот црвен осип, кој најпрво се забележува зад ушите и на лицето, а потоа се шири кон вратот, трупот и екстремитетите, вклучително и дланките и стапалата.

Осипот обично трае околу пет до шест дена, по што постепено се повлекува.

При сомневање за морбили, неопходно е навремено јавување кај лекар, но претходно телефонско известување на здравствената установа за да се спречи изложување на други пациенти.

-Како се лекуваат морбилите? Дали постои специфична терапија?

Спец. д-р Николовска Стефаноска: За морбилите не постои специфична антивирусна терапија што рутински го отстранува вирусот.

Лекувањето е главно симптоматско и вклучува:

  • Намалување на покачената телесна температура.
  • Доволен внес на течности и спречување дехидратација.
  • Одмор и соодветна исхрана.
  • Следење на здравствената состојба и навремено препознавање на компликациите.

Кај одредени деца со морбили, лекарот може да препорача витамин А, во соодветна доза и под медицински надзор.

Доколку се појават компликации, се применува соодветен третман зависно од нивниот вид и тежина.

Лицата кои ќе ја прележат болеста најчесто стекнуваат долготраен, вообичаено доживотен имунитет. Но, тоа не значи дека треба намерно да се изложуваат децата на инфекција, бидејќи ризикот од сериозни последици е реален.

-Кој е најсигурниот начин да го заштитиме детето од морбили?

Спец. д-р Николовска Стефаноска: Најсигурниот и најефикасен начин за заштита е навремената вакцинација со МРП-вакцината (морбили, рубеола и паротит).

Според препораките за имунизација, првата доза се прима на возраст од 12 месеци, а втората доза според националниот календар за имунизација, пред започнување на училишното образование.

Двете дози обезбедуваат високо ниво на заштита од морбили и значително го намалуваат ризикот од тешка клиничка слика.

Важно е родителите редовно да ги проверуваат вакциналните картони на своите деца и да ги надоместат сите пропуштени дози во консултација со матичниот лекар или педијатар.

-Дали МРП-вакцината е безбедна?

Спец. д-р Николовска Стефаноска: Да. МРП-вакцината е испитана вакцина со децениска примена низ целиот свет.

Повеќе од шест децении се користи во програмите за имунизација и има значајна улога во спречувањето на морбилите и нивните компликации.

Како и секоја вакцина, може да предизвика несакани реакции, но тие најчесто се благи и минливи, како болка и црвенило на местото на апликација, покачена температура или благ осип.

Сериозните несакани реакции се ретки. Придобивките од вакцинацијата значително ги надминуваат ризиците од заболување и можните компликации од морбилите.

Затоа, родителите треба да се информираат од здравствени работници и да не дозволат непроверени информации и дезинформации да ја обликуваат и да влијаат врз одлуките за здравјето на нивните деца.

-Која е Вашата порака до родителите, градинките и училиштата?

Спец. д-р Николовска Стефаноска: Мојот апел е до сите родители, градинки и училишта: да ги провериме вакциналните картони и да се осигуриме дека децата ги примиле сите предвидени дози на МРП-вакцината.

Заштитата на здравјето на децата е заедничка одговорност. Не смееме да заборавиме дека невакцинираното дете не го изложуваме само на ризик од заболување, туку индиректно ги загрозуваме и најранливите членови на заедницата – бебињата кои сè уште не се на возраст за вакцинација и лицата кои поради медицински причини не можат да ја примат вакцината.

Само со висок опфат на имунизација можеме да спречиме ширење на инфекцијата и појава на епидемии.

За колективна заштита од морбили е потребен опфат од најмалку 95% со две дози вакцина.

Она што е најважно за сите родители е да знаат дека морбилите се сериозна, но превентабилна болест – вакцинацијата спасува животи.

-Спец. д-р Николовска Стефаноска: Каква е состојбата со вакцинацијата против морбили во Македонија?

Состојбата со опфатот на вакцинација е сериозен повод за загриженост.

Според податоците од ИЈЗ што се наведуваат за 2025 година, опфатот со првата доза МРП-вакцина во Македонија изнесува само 62%.

Овој процент е значително под препорачаниот опфат од најмалку 95% потребен за колективна заштита.

Нискиот вакцинален опфат создава услови за повторно ширење на вирусот и појава на епидемии, особено во колективи каде што престојуваат поголем број деца, како што се градинките и училиштата.

Затоа е неопходно да се интензивираат активностите за вакцинација, здравствена едукација и информирање на населението.

-Дали Македонија има искуство со епидемија на морбили и што треба да научиме од неа?

Спец. д-р Николовска Стефаноска: Да. Македонија имаше епидемија на морбили во 2018 и 2019 година, при што беа регистрирани околу 2.000 заболени и четири смртни случаи.

Тогаш опфатот со вакцинација според ИЈЗ беше околу 75%, што беше значително под потребното ниво за колективна заштита.

Денес, кога се соочуваме со уште понизок опфат со првата доза, мораме сериозно да ја сфатиме опасноста од повторна појава на епидемија.

Историјата нè учи дека морбилите не се болест од минатото и дека секое намалување на вакциналниот опфат создава простор за повторно ширење на вирусот.

-Што е она кое треба како општество да научиме од овие лекции?

Спец. д-р Николовска Стефаноска: ВАКЦИНАЦИЈАТА Е ПРАВО, ПРИДОБИВКА И ОДГОВОРНОСТ!

-Морбилите можат да се спречат. Не дозволувајте болест која може да се превенира со вакцина да предизвика сериозни последици кај вашето дете.

Проверете го вакциналниот статус на вашето дете, консултирајте се со вашиот педијатар и навреме надоместете ги пропуштените дози.

Да ги заштитиме нашите деца денес за да им обезбедиме побезбедна иднина утре!, порачува Спец.д-р Марина Николовска Стефаноска, педијатар на Универзитетската клиника за детски болести на Одделот неонатологија.

Извор: Курир