Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, денес ги коментираше изјавите од страна на опозицијата дека Алта банка ќе пропадне и дека во таа банка нема кеш пари.
-Треба да внимаваме на сите оние пораки кои што доаѓаат од опозициската СДСМ бидејќи искуството досега вели дека без исклучок сè е невистина. Тргнете наназад, од тоа дека ќе банкротираме, преку мигрантите, па се до овој случај на Алта банка. Јас сум свесен дека кај нив Фројд работи дури и додека сонуваат и се обидуваат овие хорор соништа кои што ги сонуваат да ги пренесат на граѓаните, но имам чувство дека нивниот сон нема да биде реалност и дека тоа што го работиме и тоа што го сработивме изминатиов период ќе резултира со нов сопственик на Стопанска банка АД Битола и дека сè ќе биде онака како што треба. Впрочем, доказ за тоа е и континуираното ослободување од мерките кои што беа применети на самиот почеток, рече Мицкоски.
За прашањето дали има кеш, тој ги повика да појдат во некоја од филијалите, да ги прашаат граѓаните кои си го подигнуваат тоа што им припаѓа.




