Министерството за здравство денеска соопшти дека будно се следат состојбите со грип во земјава и дека се подготвени за евентуално зголемување на бројот на лица заболени од оваа болест.
-Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, составена од стручни лица од надлежните здравствени установи, будно ја следат состојбата со грип во државата. Напоменуваме дека капацитетите на здравствените установи се доволни и за евентуален пораст на бројот на заболени од грип, што е очекувано за овој период од годината, се наведува во соопштението.
Имајќи ги во предвид искуствата од претходните години, како што се посочува, очекуван е тренд на пораст, посебно во тек на февруари и март, кога ова заболување вообичаено е присутно со повисок интензитет.
Во врска со снабденоста со лекови, од Министерството информираат дека има доволно количини од лекот „тамифлу“, како и доволен број средства за дезинфекција и заштитна лична опрема.
Воедно, потсетуваат дека при првите симптоми на грип, потребно е граѓаните да се консултираат со стручните лица и да не користат лекарства на своја рака.
Министерството за здравство во континуитет ја следи состојбата со грип во државата и јавноста навремено и постојано ќе биде информирана за тековната состојба. Заложба на Министерството и сите здравствени установи е што поуспешно менаџирање на предизвиците во сезоната на грип, стои во соопштението.