Зоран Заев и Стево Пендаровски соочени со поразот, посегаат кон заштита на сите незаконитости кои би можеле да им донесат глас повеќе, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
– И тоа го прават и го поттикнуваат со државни пари, што е уште поголем криминал. СДСМ продолжува во тонење во самоволие и беззаконие, но жално е што во тоа ја влече целата држава. Така е, кога повикот за поткуп од референдумската кампања остана неказнет. Зоран Заев и неговиот клан продолжуваат да туркаат корупција. До ДКСК поднесовме нови приговори за кршење и на изборниот законик и на законот за антикорупција и судир на интереси, рече Стоилковски.
Приговорите се следниве:
Прво, спротивно на законите, во изборен период, на 4-ти април, при започната изборна кампања, платежната агенција, односно агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството соопштува дека се исплатени 77 милиони денари – или над 1 милион и 250 илјади евра – на над 2.000 лозари. И за ова ресорниот министер се пофали преку медиумите. Во случајот употребени се државни пари за исплата на долг на приватни фирми – значи не станува збор за субвенции или за тековни исплати! Ова е класично кршење на членот 8-А од изборниот законик и членот 34 од законот за спречување на корупцијата и судир на интереси. Класичен случај на поткуп на земјоделци!
Второ, поднесен е приговор повторно за информација од медиумите од трети и четврти април, дека од 15-ти април започнува физичко обезбедување во училиштата на трошок на општината Гази Баба. Веста гласи дека по иницијатива на Градоначалникот на Гази Баба, по негова иницијатива ги ослободува родителите од плаќање. Што е повторно класично кршење на членот 8-А од изборниот законик и членот 34 од законот за спречување на корупцијата и судир на интереси – односно, во предизборен период, по распишани избори, општината носи одлука за исплати од сопствени средства кои не се редовни.
Трето, следува нов приговор, ВД градоначалникот на Ново Село – каде има и вонредни локални избори – дава согласност за вработувања на 10 работници. Ова е исто така спротивно на двата закони – членот 8А од Изборниот и членот 34 од антикорупцискиот закон.
Четврто, Општина Штип ги ангажирала пожарникарите да делат дрва на социјално загрозените лица од градот, и тоа оди во локалните медиуми! Среде кампања донесена е противзаконска одлука, со кршење на двата закони, за донација каде што се гледа како поткуп на гласачи и во тоа се злоупотребени и Општината и „Македонија Пат“ и „Македонски Шуми“, но и Противпожарната единица на Општина Штип. Оваа донација, можело да се спроведе пред распишување на изборите или по завршување на изборите.
Натаму Стоилковски додаде:
– ВМРО-ДПМНЕ постојано ги следи незаконските работења и делувања на Зоран Заев и неговиот клан и ги пријавува до ДКСК. СДСМ и власта се тие што не го почитуваат законот и не ја почитуваат оваа институција. Очекуваме од Антикорупциската итно да преземе мерки и да ја санкционира акумулацијата на функции за која што веќе ВМРО-ДПМНЕ има поднесено пријава. Станува збор за повеќе лица кои извршуваат повеќе јавни овластувања, односно се дел и од управни и надзорни одбори, додека извршуваат функции како државни секретари, директорски функции, општински советници, или пак други функции. Тоа според членот 77 е судир на интереси, за што ДКСК мора да реагира и да извести. Истовремено ја охрабруваме ДКСК да се издигне и да почне да спроведува законот, да иницира прекршочни пријави за недоставување на информации до неа водени од начелото на законитости. Доколку антикорупциска не поседува информации од функционери, а во насока на непотизам и вработувања на роднини, тоа значи дека голем број на функционери од власта не го испочитувале законот, не ја исполнуваат обврската, не ја регистрираат институцијата, и затоа мора да бидат поведени постапки од страна на ДКСК, наведе портпаролот на најголемата опозициска партија.
Ја користам оваа прилика, додаде Стоилковски, да соопштам дека и во однос на одбиените приговори, кои што ВМРО-ДПМНЕ ги имаше поднесено до ДКСК дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја продолжи постапката по поднесоците што се одбиени до Управниот суд, убедени дека во овие случаи постои повреда на законите.