Собраниската Комисија за европски прашања во 15:00 часот треба да ја започне седницата за да го разгледа Предлог-законот за ратификација на договорот за името, а петнаесет минути подоцна треба да започне и седницата на Законодавно-правната комисија.
Имајќи предвид дека станува збор само за разгледување и изјаснување на пратениците за договорот и дека од опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат во работата на комисиите, седницата не би требало да трае долго. Најавите од владејачкото мнозинство се дека доколку се создадат можности, 51. седница би продолжила веднаш по комисиските расправи и договорот би можел да биде ратификуван до крајот на денот.
Сепак, според последните најави од владејачкото мнозинство, ратификацијата најверојатно ќе се случи утре.
Со 69 гласа „за“ и 40 „против“ денеска во рамки на 51. седница Собранието беше изгласана потребата за донесување на Предлог-законот за ратификација на договорот за името со Грција.
Пратеникот Ферид Мухиќ беше единствен од владејачкото мнозинство кој гласаше „против“ потребата за донесување на Предлог-законот за ратификација на договорот. За новинарите тој кажа дека е против каков било договор за името.
Против гласаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои нема да учествуваат во носење на Предлог-законот за ратификацијата на договорот.
Потребата од донесување на овој закон по скратена постапка пред пратениците ја образложи министерот за надворешни работи Никола Димитров.