Зоран Заев и криминалниот картел кој го води ја донесоа Република Македонија во потчинета положба, а капитулантскиот договор кој го потпиша Заев е понижувачки за целата држава, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
– Правата вистина е дека иденитетот не е зачуван. Зоран Заев го брише терминот Македонија. Грчкиот премиер Ципрас соопшти дека договорот не признава постоење на македонска националност, а Заев не негираше. Овој договор спроведува модерен геноцид. Заев го ограничува јазикот и иднентитот, што е во спротивност со меѓународните конвенции. Заев ги понижи институциите, и го погази Уставот, законите и процедурите. Ратификацијата на договорот во Собранието без дискусија во Комисијата за надворешни работи е во спротивност со процедурите и претставува злоупотреба на европското знаменце, соопшти најголемата опозициска партија.
ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека Заев вчера призна оти договорот предвидува промена на личните карти, пасошите, смена на сите институции што го содржат зборот Македонија.
– Капитулантскиот договор на Заев нема да донесе подобар живот, државата повеќе ќе тоне поради неспособната влада, а срамниот геноцид ќе се памети. Заев свесно ја лажеше јавноста. Договорот кој го потпиша Заев за Република Македонија создава само обврски. Република Македонија е оштетена страна. За картелот на власт не важат законите ниту Уставот. Затоа Зоран Заев мора да падне за да Македонија победи, велат од најголемата опозициска партија.
За СДСМ, пак, договорот „со кој се става крај на 25 годишниот спор со Грција е демократски чин којшто ја обезбедува иднината на граѓаните и државата и го гарантира македонскиот иденитет еднаш засекогаш“.
– Никој не смее да ја кочи иднината на Македонија. Последниот збор за овој Договор ќе го имаат граѓаните. На референдум, ќе се изјаснат и ќе оценат дали ВМРО-ДПМНЕ се за или против македонската иднина, одговараат од СДСМ.