Милионски суми евра, пари од граѓаните, се вртат на тендери или со договори во четири очи, а за граѓаните, и тоа болните и најнемоќните, нема ни за лек.
Ова е само една приказна од илјадници што секој ден се судруваат со проблемот како да стигнат до лекот без кој не можат:
– Во рок од три дена имам поминато 24 аптеки, еден лекар специјалист невролог и еден матичен лекар. Станува збор за процедура што ја поминувам скоро секој месец во потрага по дефицитарниот лек оксалепт за третирање на епилепсија. Лековите од типот на тегретол, окскарбамазепин и трилептал се дефицитарни со месеци. Што тоа значи? Значи дека треба да се претргнеме од барање за да добиеме лек без кој ние како лица со епилепсија не можеме да живееме, се жали на социјалните мрежи граѓанинот Ангел Димитриевски.
Тој го опишува одењето по маките на лицата кои имаат проблеми со дефицитарните лекови:
– Тукушто се враќам од кај лекарка која ми кажа дека има луѓе што воопшто не можат да ги најдат лековите и веќе имаат дневно епилептични напади поради тоа. Па, јас сега се обвинувам како може да јас немам време да се заангажирам со медиумите за ова, да напишам нешто, да помогнам да се слушне за сето ова. Во суштина навистина немам време. Значи, јас кога секое пакетче на лекови ќе ми дојде при крај, цел град го поминувам секој ден по аптеки барам лекови, се јавувам по други градови каде што би можеле да имаат лекови, па спремен сум да тргнам уште истиот ден во друг град, се јавувам по веледрогерии, по невролози и што ли уште не. Ова е дневна борба на лицата со епилепсија. Во основата на појава на епилептичните напади е стресот, барем од моето искуство. Ова е една толку стресна и грчевита состојба, состојба на непредвливост во којашто не знаете како ќе завршите со потрага по нешто без коешто не можете да живеете, опишува Димитриевски.
Живеењето, продолжува тој, во помисла дека имате само 2 или 3 таблети во вашиот дом е една толку стресна состојба што дополнително ги влошува нашите состојби.
– Заклучокот е дека Македонија не е држава што треба да биде примена како членка во некои повисоки инстанци како Европската унија каде што основните цивилизациски потреби за преживување се задоволени, а веќе се зборува за понапредни концепти. Ова е држава во која државата го загрозува здравјте на своите граѓани и сметам дека оваа држава треба да биде казнета за тоа и сериозно треба да се преиспитаат сите начини на коишто се оштетуваат граѓаните, револтирано порачува тој.
Розовата слика што секојдневно ја слушаме од портпаролите на власта, од министрите и од други функционери на власта, сепак, не е таква и во очите на тие што не можат да дојдат и до лекот кој им е неопходен, а камоли повеќе.