Реконструкција на Владата, со смена на осум министри, како и директори на дваесетина државни и јавни претпријатија, наместо предвремени парламентарни избори, најави премиерот Зоран Заев, по вчерашната седница во Охрид на Централниот одбор на СДСМ, каде што стигна со својот мотор.
Имињата на новите министри ќе бидат познати до крајот на неделава, реконструкцијата формално би завршила до крајот на месецов, а предвремени избори нема да има затоа што датумот за почеток на преговори со ЕУ е извесен. Иако датумот се очекуваше овој месец, сепак поради одложувањето на расправата во германскиот Бундестаг за извештајот на ЕК, за септември, сега тој се очекува најдоцна до октомври.
Но сепак ќе го има, порача Заев вчера и додаде дека е потребно Владата да го истера мандатот докрај за да се фокусира на интегративните процеси на земјава – членството во НАТО, за што Протоколот веќе е ратификуван од 17 земји-членки и се очекува да се официјализира до крајот на годината или најдоцна почетокот на следната и датумот за преговори со Унијата.
Заев вчера од Охрид појасни дека првичниот концепт за реконструкција на Владата, кој не исклучуваше можност за предвремени избори или враќање на мандатот, бил насочен кон државите–членки на ЕУ дека се должни да испорачаат датум за преговори.
– Потребата од предвремени избори беше возможна ако треба на ЕУ да и докажеме дека треба да испорача до РС Македонија, не кон некоја политичка партија. Ставот наш е дека треба да се тера цел мандат, кога доаѓа до реализација на стратешки определби како што е датум за преговори или членство во НАТО. Тогаш ги ставаме сите алатки на располагање… за да може земјата да продолжи покрај европскиот и по економскиот пат, рече тој.
Истакна дека нема да се дозволи повторно враќање на радикализмот, популизмот, национализмот во државата, повторни поделби во општеството, кавги со соседите.
– Целта ја исполнивме и се враќаме кон реконструкцијата. Прво ќе има реконструкција на не повеќе од осум министерски позиции, изјави Заев, додавајќи дека меѓу нив има и од редовите на ДУИ.
Тој рече дека ќе се заблагодари на директори повеќе од дваесет државни јавни институции, процес што ќе се одвива паралелно со реконструкцијата на Владата.
Дека Владата треба да остане и до крај да го сработи мандатот вчера изјави и германскиот амбасадор Томас Герберих, кој заедно со неговиот француски колега присуствуваа на манифестацијата „Запознај ја Преспа“ во чест на годишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор.
Герберих во однос на тоа дали ќе има политичка криза доколку земјата не добие датум за преговори изрази мислење дека премиерот Зоран Заев нема да даде оставка, оценувајќи дека во изминатите две години сработил добра работа.
– За стабилност на земјата потребно е да остане оваа Влада и да не се планираат нови избори, оцени Герберих.
Промени вчера имаше и во Извршниот одбор на СДСМ. На седницата на Централниот одбор беше избран новиот Извршен одбор на партијата, во чиј состав влегоа Фросина Ременски, Благојче Бочварски, Рената Десковска, Костадин Констадинов, Есрас Алихи, Ѓоко Танасоски, Весна Ѓершан, Васко Талевски, Тања Стојановска-Иванова, Драган Тевдовски, Љатифа Шиковска, Стефан Богоев, Кети Василевска, Нина Велкова, Петре Шилегов и Маринела Ојлеска.
За организациски секретар е избран Душко Весковски, кој ќе ја напушти функцијата директор на „Водовод“ – Скопје, додека секретар за меѓународна соработка ќе биде Дане Талевски. Директор на Центарот за истражување и анализа на СДСМ е избран Мартин Попов.