По налог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Министерството за внатрешни работи вчера од Фондот за иновации и технолошки развој одзело документација во врска со распределбата на грантовите од Фондот на носители на јавни функции.

– Побарана е, и обезбедена е потребната документација, потврдија за МИА од Фондот за иновации и технолошки развој.

Од Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи не дадоа коментар за настанот, бидејќи се работи за предистражна постапка.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 23 јули по допрен глас оформи предмет за евентуалните злоупотреби при доделувањето грантови од Фондот за иновации и технолошки развој на компании во кои удел имале и носители на јавни функции.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски завчера побара од сите 79 компании од првиот инвестициски бран на Фондот во рок од 15 дена да достават изјава со која ќе потврдат односно негираат дали во својата сопственичка структура имаат лице кое е носител на јавна функција или член на неговото потесно семејство.

Премиерот Зоран Заев вчера прашан за овој случај, рече дека нема да побара оставки од функционерите за кои имаше реакции во јавноста за поврзаност со фирми кои добија грантови од Фондот за иновации и технолошки развој, затоа што, според него, тие се повлекле и не го кршеле законот.

– Ако така бараме оставки потоа ќе се мислиме од каде да најдеме луѓе да ги ангажираме во власта. Тие апсолутно постапуваат етички, излегоа на прес-конференции да ги кажат своите ставови и тоа е фер однос. Проблемот е што во минатото не се откажуваа  и оставаа до крај  впечаток дека нешто не е етички или коректно, изјави Заев.

Истакна дека со законот е дозволено сите фирми да аплицираат, а кога јавноста реагирала будно, етичкиот дел на самите министри и на другите функционери се разбудил, тие сами ги повлекле апликациите на фирмите во кои што имаат  свој удел, а еден дел од нив тргнале да ги продадат своите удели.