Бојкотот е оружје на злобниот, не е категорија на демократијата што ние ја инсталиравме во земјата, порача лидерот на ДУИ, Али Ахмети од Сарај во кампањата за референдумот за Северна.

Покрај СДСМ и ДУИ, кои го бојкотираа референдумот за територијална поделба на Република Македонија, и тогаш велеа дека бојкотот е демократско средство, сега сметаат дека бојкотот е „оружје на злобниот“.

ДУИ соопшти дека вчера одржале собир со граѓаните на Општина Сарај, каде пред граѓаните на ова општина „се даде до знаење дека 30 септември е историски момент што не треба да се пропушти без гласање за Македонија во најголемата воена – политичка алијанса, НАТО“.

Ахмети пред присутните рече дека земјата се наоѓа во многу важни одлучувачки ситуации за иднината на земјата, „за нас Албанците и сите граѓани на Република Македонија“.

– 30 септември, ден што нема да се повтори, бидејќи на 30 септември се одлучува за иднината на ова земја. Дали ова земја ќе оди напред или ќе седи на место на недефинирани позиции. Секоја вечер  се даваат пораки од разни председатели на земјите од Европа, тие се наши пријатели и и посакуваат добро на нашата земја,  и посакуваат добро на Македонија.  Тие упатуваат повик нашите граѓани позитивно да се изјаснат на 30 септември и да гласаат ЗА договорот, да гласаат за НАТО, да гласаат за ЕУ, за мирот,  стабилноста, безбедноста, иднината, владеењето на правото и правната држава. Бојкотот е оружје на злобниот, не е категорија на демократијата што ние ја инсталиравме во земјата. Од нас се очекува на 30 септември да му се радуваме на успехот, да излеземе сите , да пропагандираме и да гласаме ЗА Македонија во НАТО, рече Ахмети.

На собирот во Општина Сарај присутни беа и министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети и пратеникот Артан Груби.