Утврдени се пропусти во спроведувањето на добрата хигиенска пракса во продавницата „Специјал“ во центарот на Скопје, покажаа инспекциските контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Како што изјави директорот на АХВ Зоран Атанасов, дуќанот нема да се затвори, изречена е само корективна мерка-едукација. Ако во некои следни контроли повторно се утврди каков било пропуст, ќе следува парична казна.
Според Атансов, направени се и во други пекари на „Специјал“ кои покажале помали пропусти во спроведувањето на добрата хигиенска пракса.
– Во тек се контроли и на околните продавници за храна за да се утврди дали ги почитуваат принципите на хигиенска пракса и дали редовно ги спроведуваат пропишаните мерки за уништување глодари. Доколку се утврди дека е така, а има нови појави на глувци или стаорци, АХВ ќе го алармира Санитарниот инспекторат за да и наложи на општината да изврши вонредна дератизација, нагласи директорот.
Деновиве на социјалните мрежи беше објавена фотографија од продавницата на „Специјал“ во центарот на Скопје во која, на една од масите се гледаше стаорец.