Во Албанија пристигна нова пратка од 8.190 вакцини од компанијата Фајзер, со што до сега од оваа компанја пристигнати се вкупно 16.380, од договорените 500.000 вакцини.

Во комуникација со новинарите на Меѓународниот аеродром во Тирана, пред пристигнувањето на вакцините, премиерот Еди Рама рече дека е во постојана комуникација со пријателска земја, за да обезбеди 360.000 дози вакцини и додаде дека за помалку од две недели тој ќе ја посети таа држава.

Меѓу другото, ги повика сопствениците на деловни објекти да не ги отвораат вратите за политичарите кои водат предизборна кампања спротивно на пропишаните мерки, бидејќи, според премиерот, тие ќе страдаат со високи казни.

Спротивно од ова, македонскиот министер за здравство Филипче утре на граничниот премин Табановце ќе ја прими втората пратка на вакцини која Србија ни ја отстапува. Министерството за таа цел испрати известување со кое, се разбира, се покануваат медиумите, за задолжтелната медиуска фешта од овој настан:

„Министерот за здравство д-р Венко Филипче, утре (среда, 24.02.2021 година) на граничниот премин Табановце ќе ја пречека делегацијата предводена од министерот за здравство на Република Србија Златибор Лончар кој ќе ја предаде втората пратка од осумте илјади вакцини од компанијата Фајзер.

Настанот ќе се одржи на меѓуграничниот премин на македонската и српската граница, каде се предвидени изјави за медиумите.

Го покануваме вашиот медиум да го проследи настанот, почитувајќи ги мерките за заштита од КОВИД-19.

Медиумите кои имаат интерес да го видеоинсертираат или фотографираат настанот да се акредитираат на pr@zdravstvo.gov.mk, најдоцна до утре до 07:45 часот. За акредитација задолжително треба да ни доставите име и презиме, матичен број или датум и година на раѓање, како и татково име. Настанот ќе се одржи во 13:30 часот, медиумските екипи на граничниот премин треба да стигнат најдоцна до 13:10 часот“, се вели во известувањето.