Албанскиот министер за одбрана, Ермал Нуфи во телевизиско гостување потврди дека Албанија ќе испрати штабни офицери во меѓународната стабилизациска мисија во Појасот Газа.
Тој додаде дека по завршувањето на извидувачката мисија и анализата на извештајот составен од албанските офицери, кои веќе биле во Газа, Генералштабот го утврдил почетното ниво на ангажман на албанските вооружени сили во оваа мисија.
Според него, првата фаза ќе се состои од испраќање штабни офицери, кои ќе бидат интегрирани во командната структура на меѓународните сили во Појасот Газа.
Последователно, во зависност од развојот на настаните на терен и оперативните проценки, ќе се донесе одлука за испраќање на други војници.
– Ќе испратиме штабни офицери, кои ќе станат дел од меѓународните сили за стабилизација во Газа. По процената на ситуацијата и потребите на терен, ќе продолжиме со втората фаза за конкретно да го одредиме бројот на војниците што можат да бидат ангажирани во мисијата, рече Нуфи.
Тој нагласи дека посветеноста на Албанија е во согласност претходно искажан став на премиерот Еди Рама за учество во меѓународните иницијативи за мир и стабилност.
– Сè ќе биде координирано со командните структури на меѓународните сили. По одобрувањето на одлуката на влада, ќе го објавиме и бројот на штабни офицери кои ќе бидат распоредени првично, како и другите фази од ангажманот, изјави тој.
Меѓународните сили за стабилизација на Појасот Газа произлегуваат од план од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп.




