Монтажните болници низ земјава не се осигурани од евентуален пожар, поплава или друг проблем. Трагедијата во Тетово го отвори ова прашање – дали 19-тте монтажни објекти низ земјава за кои беа потрошени четири милиони евра за изградба и уште 600 илјади евра за опремување со пари од Светска банка, се осигурени во некоја осигурителна компанија? Модуларната болница во рамки на Инфективната клиника во Скопје не е осигурана иако е пуштена во употреба пред повеќе од една година. Од клиниката за Алсат велат дека во тек бил тендер. Тоа досега тоа не било направено оти било поврзано со завршните сметки и морале да чекаат да заврши тековниот договор за осигурување. Ја опфаќал само зградата на Инфективната клиника.

Скопската модуларна болница е изградена со пари на швајцарската амбасада. Првично парите беа наменети за сосема друг проект кој требаше да го финансира Министерството за локална самоуправа. Но, со стартот на пандемијата парите беа пренаменети и дадени на Министерството за здравство за изградба овој монтажен објект.

Околу 260 илјади франци изнесуваше швајцарската донација преку која главниот град доби модуларен објект. Освен во Скопје, прашавме и дали монтажниот објект во рамки на битолската болница е осигурен од евентуална несреќа – пожар, поплава или друго? И од таму ни рекоа дека објектот не е осигурен. Се правеле напори за тоа. Исто е и во Струга и во Охрид. Ниту таму модуларните објекти не се осигурени. Во Охрид ни рекоа дека имале една година гаранција од изведувачот.

За модуларното одделение во Тетово, каде згаснаа 14 животи, нема информација дали било осигурено. Координаторот на КОВИД центарот, Гзим Нуредини, не одговараше на повиците од Алсат. Во документите во Бирото за јавни набавки Алсат најде само договор за осигурување, но за имотот на Здравствената установа Клиничка болница, но не и за веќе изгорениот модуларен дел.

Од министерствата за здравство и за труд и социјала, ни рекоа дека модуларните болници откако се поставуваат, се примопредаваат на јавните здравствени установи. Натамошната имплементација на протоколите е во согласност со одлуките на менаџирање на болниците.