Во тек се консултации за итно изнаоѓање политичко решение што ќе гарантира „мир и стабилност“ во Авганистан, изјави авганистанскиот претседател Ашраф Гани во денешното телевизиско обраќање до нацијата. Во исто време, тој ги повика вооружените сили да се мобилизираат.
– Почнав консултации што „брзо напредуваат“ – во владата, со политичките лидери во земјата и меѓународните партнери, рече Гани. Целта е „да се најде политичко решение што ќе му даде мир и стабилност на авганистанскиот народ“, рече тој, но истакна дека „врвен приоритет“ сега е „повторно мобилизирање“ на авганистанските вооружени сили и безбедносните служби.
Обраќањето на претседателот беше негова прва јавна изјава во изминатите денови, во момент на брз напредок на талибанските сили, кои преземаат се повеќе авганистански провинции и се наоѓаат на околу 80 километри од главниот град Кабул.