Здравствената состојба на 14-годишното девојче од Охрид со дијабетес тип 1 кое во сериозна состојба со кетоацидоза беше примено на КАРИЛ се подобрува и тоа спонтано дише. Ова денеска на прес-конференција го истакна заменик – министерот за здравство Асим Муса.

Тој посочи дека 14-годишното девојче од Охрид, како и уште двете деца на возраст од три години од Свети Николе и на возраст од девет години од Гевгелија кои со зголемено ниво на шеќер во крвта беа хоспитализирани во Клиниката за детски болести, се новооткриени.

Појасни дека децата првпат отишле на лекар за нивната здравствена состојба и во матичните установи им било откриено дека имаат дијабетес, но согласно правилата, бидејќи се деца, тие се упатени на Клиниката за детски болести, каде најстручно се третираат.

Муса смета дека вината е кај родителите, кои 14-годишното девојче го однеле на лекар дури неколку дена откако се вложила неговата здравствена состојба.

– Денеска ја видов девојката која е на КАРИЛ, таа е стабилна, состојбата се подобрува, таа е при свест и при крајот на денот ќе биде екстубирана. Сите три случаи се новооткриени, првпат отишле на лекар за нивната здравствена состојба и во матичните установи било откриено дека имаат дијабетес, но согласно правилата бидејќи се деца, тие се испратени на Клиниката за детски болести, каде најстручно се третираат, истакна Муса.

Тоа не е лекарска грешка во постапка на лекување, посочи Муса и додаде дека треба да преземат мерки за едукација на матичните лекари, а посебно во семејни услови.

– За да едно дете дојде во состојба на кетоацидоза треба подолг период, додаде Муса.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, д-р Ирина Сотирова Бухова рече дека по добиените информации за трите случаи тие вчера постапиле и веднаш ги известиле инспекторите кои отишле на терен во подрачните единици во градовите.

– ДСЗИ спроведува инспекциски надзори кај матичните лекари на сите три деца односно во Охрид, Гевгелија и Свети Николе без оглед што едното дете е пуштено и е дома. Во тек е инспекциски надзор и во општите болници во кои тие деца се препратени пред да бидат донесени на Детската клиника односно на КАРИЛ, истакна Сотирова Бухова и потенцира дека ги очекуваат извештаите од терен.

Додаде дека ако тие извештаи иницираат друга постапка ќе испратат соодветно барање до Министерството за здравство за формирање вонвреден стручен надзор.

Ендокринологот Марина Крстевска Константинова од Детската клиника рече дека има знаци за дијабетес кои и семејствата и лекарите мора да ги препознаат, а тоа се зголемено мокрење, пиење многу вода, јадење премногу и слабеење.

– Планираме од септември да спроведеме едукативна програма за едукација на медицинскиот кадар и заедно со здруженијата да едуцираме и граѓани, по школи, градинки со цел најлесно да се препознаат децата кои се под опасност да развијат дијабетес тип 1, додаде Крстевска Константинова.