Притисокот што го налага новиот начин на живот, посебно по појавата на социјалните медиуми, создава основа за развој на депресија особено кај младите на возраст од 15 до 24 години, стои во пораката на докторите од ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје по повод Светскиот ден посветен на менталното здравје.
– Од исклучителна важност е раното детектирање на проблемите кај младите кои се повеќе се под притисок на влијанието и прекумерната употреба на социјалните медиуми, големото количество на информации кои не се слика на реалноста и создаваат услови за повлекување на младите, социјална изолираност и чувство на неприфатеност. Се почести се случаите на училишен мобинг не толку присутен во минатото, вели д-р Стојан Бајрактаров, директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје
Според него, депресијата кај младите треба да се препознае и навреме да се третира, таа е излечива.
Веројатноста да се појави анксиозно-депресивна симптоматологија кај адолесцентите поради претераната употребата на социјалните медиуми и интеренетот и отуѓеноста која тие ја создаваат, посочува тој, расте пропорционално на интензитетот на зависноста од овие медиуми.
– Според стручната практика, се повеќе млади во периодот од 15 до 24 години покажуваат склоност кон прекумерна употреба на интернет или покажуваат знаци на зависност кои често водат до депресија. Ваквиот начин на живеење, претераната употреба на друштвените мрежи, намалено родителско внимание, може да се појави таканаречен страв од исклученост или fear of missing out. Анксиозноста е поврзана и со стравот од исклучување од активностите на другите, а резултира со постојаната потреба за виртуелни контакти со другите и следењето што прават другите на социјалните мрежи. Автоагресивното однесување и социјалната дисфункционалност се поврзани токму со се поголемата присутност и влијание на виртуелната реалност, за што секако има удел и злоупотребата или претераното користење на електронските уредии друштвените мрежи, нагласува директорот Бајрактаров.
Според некои истражувања, секој 10 ти корисник на социјалните мрежи, покажува знаци на анксиозно депресивна симптоиматологија.