Нов топлотен бран повторно го зафати Балканот само три недели откако последниот предизвика прекин на електричната енергија во неколку земји во регионот.
Во Албанија, каде температурите надминуваат 40 степени Целзиусови, Владата денеска објави дека „секој намерен или случаен пожар“ може да доведе до 15-годишна затворска казна.
Високите температури на воздухот во Албанија го зголемуваат ризикот од пожари кои можат да имаат катастрофални последици за животната средина и да загрозат животи поради ветерот што го шири пожарот. Една искра може да предизвика огромна штета, соопшти албанското Министерство за одбрана.
Српската Хидрометеоролошката служба (РХМЗ) денеска предупреди на топлотен бран што се очекува да трае во текот на целата недела, со температури до 40 степени Целзиусови и тропски ноќи во урбаните средини.
Според РХМЗ, топлотниот бран ќе биде проследен со значителни дефицити на врнежи, а во поголемиот дел од земјата е издаден портокалов метеоролошки аларм кој укажува на опасни метеоролошки услови.
Во Косово, каде горештините се придружени со песочни бури, здравствените власти ги повикаа граѓаните што повеќе да избегнуваат продолжено изложување на сонце.
УВ индексот ќе биде многу висок. Луѓето со хронични болести треба да избегнуваат директна сончева светлина или да носат заштитни очила, капи и светла облека. На возачите исто така им се препорачува да бидат внимателни предупреди Хидрометеоролошкиот институт на Косово.
Европската служба за климатски промени Коперникус наведе дека просечната глобална температура во изминатите 12 месеци (јули 2023 – јуни 2024 година) е највисоката досега регистрирана. Научниците истакнуваат дека новите топлотни бранови се поради глобалното затоплување поврзано со климатските промени.
фото: МИА архива