Димитар Грумар

И, така синоќа, благодарение на ТВ, делумно е расветлен еден нов случај: Македонија има министер за внатрешни индиции. Не е грешка во преводот. Не министер за внатрешни работи, туку за индиции.

„Тоа беше период кога се објавуваа бомбите. И постојат индиции дека тоа (терористичкиот чин во Дива населба во Куманово во 2015 година) било организирано за да се спречат бомбите (на СДСМ и Зоран Заев) и тоа треба да се испита“, изјави синоќа министерот Оливер Спасовски, на гостувањето во емисијата Клик плус на ТВ 21.

Значи, министерот Спасовски има индиции дека „претходната власт акцијата во Куманово ја спровела со цел запирање на прислушуваните разговори т.н. бомби на Заев да допрат во јавноста“.

Па, добиваме ТВ слика: таа била најлудата власт! Сама се прислушувала, потоа сама си организирала терористичка група, која дошла во Македонија од Косово за да нападне одбрани цели… И таа бивша „луда власт“ сама направила се за да дојде Спасовски за министер за индиции, а Заев за премиер. Аферим индиции, министре!

Но, и еден несериозен граѓанин има сериозни индиции дека министерот Спасовски, речиси цел мандат, прво во т.н. пржинска, потоа Заева влада, е на чело на едно министерство, кое нагалено го викаат МВР, и има на располагање капацитети и ресурси за проверка на индиции.

Ај, на несериозниов граѓанин не му е обврска да ги проверува индициите: Дали е точно дека Спасовски е прв човек на МВР, две години во оваа Влада и една година пред тоа. Ама на министерот Спасовски токму тоа му е обврска: Да има што повеќе индиции, но пред да доаѓа во ТВ емисија, да ги проверува, па потоа на гледачите и граѓаните да им соопштува откриени факти, наместо индиции.

А за тоа, според индициите на несериозниот граѓани, сериозниот министер Спасовски имал доволно време. Пред гостувањето во ТВ емисијата имал време повеќе од три години, имал униформирана и цивилна полиција, техничко-технолошки ресурси и се што треба за да ги провери индициите. И да ни ги каже како факти дека „бившата луда власт“ сама си организирала тероризам за да падне од власт и денес да имаме министер од кој ќе слушаме индиции!

Да не си играме со политички играчки. Станува збор за тероризам, терористи и терористички чин, во кој се изгубени животи на повеќе луѓе. И за кој се води судска постапка, а имаше пресуда, која е укината поради „некакви индиции“.

Но, еве уште еден индикативен случај за истиот случај. И настап на ТВ од претставник на државна институција која е задолжена за проверка и утврдување на индиции: Јавната обвинителка Вилма Русковска во „Само вистина“ на ТВ Канал 5 за случајот „Дива населба“, во кој таа била втор обвинител, тврди дека има цврсти докази за сите обвинети и ДНК-анализа и отпечатоци од сите осудени. Таа рече дека нејзиниот колега, кој бил прв обвинител, веќе поднел жалба за ослободителната пресуда за четворица од осудените и сега, како што рече, ја чекаат одлуката на Апелацискиот суд.

„Овој предмет е многу добро сработен и воопшто нема политика во него. Не гледам каде граѓаните што протестираа гледаат политика во случај во кој од двете страни има загинати. СЈО досега од нас го нема побарано овој предмет. Слушнав дека нема „бомби“ за него, туку само индиции“, рече Рускоска.

Еве и трета институција поврзана со „бомбите“ кои, според индициите на Спасовски, бившата власт со „Дива населба“ сакала да ги замолкне:

Завчера, прашана за „бомбите“ за „Дива населба“, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева изјави дека се уште нема најдено „бомби“ за да може СЈО да воспостави надлежност врз тој предмет.

„Има некои индиции, се работи предистрагата, но ќе биде многу тешко да се каже дали воопшто ќе биде преземен тој предмет“, изјави Јанева.

Индиции, индиции, индиции… За настан од пред четири години, дами и господо, министри и обвинители, време е да има факти. Бидејќи за тоа сте платени со пари од граѓаните за функциите што ги извршувате.

И конечно да ставиме точка на индициите: На државата и на граѓаните им требаат институции, и челници, кои ќе се грижат за нивната безбедност, а не функционери кои ќе се грижат за своите и нечии фотелји. Па, господине Спасовски, колку мандати се доволни, за да се проверат индициите дека токму тоа го сакаат граѓаните: Министерство за внатрешни работи, а не министерство за внатрешни индиции?

P.S. Ако е тешко да се истражат индициите за бившата власт има и полесен начин. Една половина од бившата власт е и актуелна (СДСМ плус ДУИ), коалиционен партнер на партијата на Спасовски. Прашајте ги за индициите, може ќе ви помогнат.