Димитар Грумар     

Агрегатори на лажни вести

Не ширете лажни вести! Сте запнале, датум, па датум… за преговори со ЕУ.

Па, нели уште лани лето добивме датум за преговори?! На нашиот нобеловски премиер Зоран Заев, вицепремиерите Кочо Анѓушев и Бујар Османи, како и на шефот на дипломатијата, и горд татко на талентирана државна стипендистка во странство, во авион на враќање од Брисел кон Скопје им соопштија дека добиле датум за преговори со ЕУ.

И, тогаш, медиумите и сите тие што не шират лажни вести, а објавуваат само вистина, ја објавија веста. А тие, како што би рекол Заев, што мрчат, викаа дека власта и нејзините медиуми шират лажни вести повеќе и од децана од Велес што го донесоа Доналд Трамп на власт во САД.

И сега!? Кој шири лажни вести? Македонските, што би рекол проф. Љубомир Данаилов Фрчковски, мејнстрим медиуми, или тие што мрчат, како што би го дополнил потенцијалниот нобеловец Заев?

Затоа да расчистиме: Демократија е, и нека зборуваат Ангела Меркел и Емануел Макрон што сакаат, ама ние им веруваме на нашиве мејнстрим политичари, на нашиве медиуми што објавуваат Заеви вистини и на нашите истакнати мејнстрим интелектуалци. А токму сиве овие наши мејнстрими не убедуваа дека уште од лани имаме датум за преговори со ЕУ.

И што сега? Потенцијалниот нобеловец, неговиот кабинет и нивните мејнстрим медиуми не убедија дека датум за преговори имаме добиено, фали само уште придавката Северна. И ја добивме. А сега, со Меркел и Макрон, се пазарат да добијат точно време – во колку часот, колку минути и колку секунди, со нобеловската придавка напред, ќе ги почне преговорите со ЕУ.

Затоа не мрчете. Ајде да му веруваме на Заев, на неговите независни мејнстрим интелектуалци и на неговите независни мејнстрим медиуми, а не на децана од Велес што шират лажни вести. Тоест фејкњус, како што би појаснил Фрчковски, за да го разбере и мејнстрим академик Таки Фити, сосе цела мејнстрим НАНУ.

Возвишени парнољупци

Пред избори во Македонија паѓа се што не паднало со години, како дожд во Сахара, и се дига се што не потпркнало исто толку време, како зумбул на Антарктикот.

Власта објави дека в зима, не само што ќе имаме чист ајро, а гарант за тоа е заменик-министерот Јани Макрадули, туку и ќе се грееме за џабе. И сега, баш пред летото и пред избори в недела, ни ја стоплија душата: Летово сметките за парно греење ќе бидат со намален ДДВ и за 11 отсто пониски.

Затоа од власта им порачуваат на исклучените: Ако се приклучите повторно, ќе плаќате една сметка во годината помалку! Но, како во топ-шоп, тоа не е се.

Ако сите се вратите во скопската градска топлификациска мрежа, сметките ќе бидат за 14,4 отсто помали. Уште, пак, ако се вклучат и сите домаќинства и фирми блиску до постојната мрежа, скопјани би плаќале за 22,2 отсто помали сметки!

Но, пред избори, изненадувањата се поголеми и од топ-шоп. Власта пресметала дека кај граѓаните остануваат 3,1 милион евра годишно од намаленото ДДВ, кое досега завршуваше во буџетот. А сега ќе се инвестира во борбата против загадувањето во Скопје.

Уф, како ни тргна со парното пред лето. И пред избори. Сега треба само да се додаде: Народе, тоа не е се, од понудата на оваа власт. Градоначалникот Петре Шилегов ви гарантира дека со парното в зима ќе ви биде како топло лето, а ќе нема ниеден комарец.

Но, тоа не е се народе! Ако има предвремени избори наесен, цената на парното нема да паѓа, туку на сите што се приклучени, новоприклучени и повратниците во системот, наместо да и плаќаат на топлификација за греење, власта со предизборни финансиски акробации ќе среди топлификација секој месец да ни плаќа за тоа што ќе не грее.

Кој не верува во оваа формула за Нобелова награда – да му цркне просечната месечна плата од 500 евра!