Со настап на натпреварувачи од 15 европски држави викендов во Скопје се одржува Дијамантскиот куп на Светската бодибилдинг федерација (ИФББ).
– Интернационалните натпреварувања што се одржуваат во Скопје, во соработка со ИФББ веќе станаа традиција и се поддржани од македонската Влада. Ова е добра можност за натпреварувачите од Северна Македонија, Грција, Турција, Бугарија, но и останатите земји учесници, да се борат за медали, ранкинг поени и особено за Елит Про лиценци. Настанот во Скопје е голем предизвик и мотивација за голем број аматери да учествуваат на него, изјави претседателот на Македонската бодибилдинг федерација Бобан Ѓороски.
По повод одржувањето на меѓународниот натпревар, IFBB DIAMOND CUP SKOPJE 2021, во Скопје како дел од официјалните лица допатува и Хозе Мариа Гарсија од Шпанија, Претседател на судиската комисија на Европската бодибилдинг и фитнес федерација (EBBF), кој воедно ќе биде и главен судија на настанот.
Гарсија беше гостин и во Олимпискиот комитет на Македонија каде на претседателот Даниел Димевски му додели златен медал и благодарница за несебична поддршка во развојот на бодибилдинг спортот.