Советот на ЕУ донесе одлука за вклучување на дополнителни 61 поединци и 86 субјекти на листата на физички и правни лица кон кои се воведени санкции поради нивните активности за поткопување или загрозување на украинскиот територијален интегритет, суверенитет и независност, како надополнување на вчера усвоениот 12-ти пакет економски и индивидуални рестриктивни мерки поврзани со руска агресивна војна против Украина.

Како што соопшти ЕУ, овие мерки треба да нанесат дополнителен удар на способноста на рускиот претседател Владимир Путин да води војна, таргетирајќи ги клучните сектори на руската економија и отежнувајќи го непочитувањето на санкциите кон Русија.

Со оваа одлука на листата на санкционирани се додадени 40 државни компании од рускиот воено индустриски комплекс, седум руски приватни воени компании, еден од основачите на санкционирана приватна фирма, 12 белоруски државјани вклучени во воената поддршка на руската агресија, како и неколку руски државни претставници и бизнисмени.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со новиот сет санкции се опфатени и една од најголемите руски осигурителни компании „АлфаСтрахование Груп“, Федералната служба за финансиски мониторинг – Росфинмониторинг, четири телекомуникациски компании кои дејствуваат на украинските територии под руска окупација – „Миртелеком“, „Лукстранс“, „Кримтелеком“ и „Бети“.

Меѓу санкционираните се и 14 членови на руската Централна изборна комисија и два члена на регионални изборни комисии, одговорни за организирање илегалните референдуми во 2022 година и изборите во септември 2023 година на украинските територии под окупација на Русија.

Листата е дополнета и со организациите Волонтери на победата, Центарот „Авангард“ и Патриотскиот центар на Крим, одговорни за воено превоспитување на украински деца.

Поради обиди за заобиколување на санкциите на ЕУ кон Русија на листата се вклучени две компании од рускиот ИТ сектор и две физички лица, додека за ширење дезинформации и пропаганда за поддршка на руската агресија врз Украина се санкционирани телевизиите „Царград ТВ“ и „ТВ Спас“.

Со оваа одлука на листата на санкционирани на ЕУ поради активности за поткопување или загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина сега се наоѓаат речиси 1.950 физички и правни лица. На сите санкционирани им е замрзнат имотот во ЕУ, а на граѓаните и компаниите од Унијата им е забрането да им ставаат средства на располагање. Дополнително на физичките лица им се забранува патување, влез или транзит низ територијата на ЕУ.

Инаку, новиот 12-ти пакет на санкции предвидува забрана за директен или индиректен увоз, купување или транспорт на дијаманти по потекло од Русија, извезени од оваа држава или кои транзитираат низ руска територија, како и на руски скапоцени камења обработени во трети земји. Забраната која се однесува на руски небрусени и синтетички дијаманти и дијамантски накит стапува во сила на 1 јануари 2024 година. Од друга страна, забраната за увоз на руски дијаманти и накит обработени во трети земји постепено ќе стапува во сила во периодот од 1 март до 1 септември 2024 година.

Со пакетот се забранува и извоз или реекспорт во Русија на стоки и технологија, кои можат да се користат за развој, производство или употреба на руските воени системи распоредени на фронтот во Украина, како и на военото воздухопловство и оружје.

Санкциите се однесуваат и на увоз и извоз на хемикалии, литиумски батерии, термостати, мотори, машински алати, делови за машини, железо, бакарни и алуминиумски жици, фолии и цевки, кои би можеле да придонесат за технолошко подобрување на одбранбениот и безбедносниот сектор на Русија.

Во врска со претходно воведената забрана за влез на возила со руски регистарски таблички во ЕУ, се воведуваат исклучоци за државјани на ЕУ кои живеат во Русија, под услов автомобилите да се во нивна сопоставеност, да не се предвидени за продажба и да се користат за строго лична употреба.

Со цел дополнително да се ограничи заобиколувањето на воведените санкции кон Русија, се воведува обврска за известување при трансфер на средства надвор од ЕУ од кое правно лице со седиште во Унијата, кое е во сопственост на руски субјект или државјани или на физичко лице кое живее во Русија.

Како мерка за ограничување за растот на цената на нафтата се воведува механизам за размена на информации за подобра идентификација на бродови и субјекти кои се користат за таен транспорт на руска нафта и нафтени деривати.

Ваквите мерки се донесени врз основа на заклучоците на Европскиот совет од 26 и 27 октомври 2023 година, во кои ЕУ ја повторува својата решителна осуда на руската агресија врз Украина со која се крши Повелбата на ОН и се потврдува непоколебливата поддршка на Унијата за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и нејзиното право на самоодбрана од руската агресија.

Европската унија ќе продолжи да обезбедува силна финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка за Украина и нејзиниот народ онолку долго колку што е потребно, се додава во одлуката на Советот на ЕУ.

Според високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, новиот пакет санкции имаат за цел дополнително да ја ослабат руската воена машинерија.

– Нашата порака е јасна, како што веќе кажав кога претседавав со неформалниот Совет за надворешни работи во Киев, остануваме цврсти во нашата посветеност на Украина и ќе продолжиме да ја поддржуваме нејзината борба за слобода и суверенитет, порача Борел.  

Фото: МИА Архива