Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска во Софија изјави дека тој и неговиот заменик и министер за одбрана Красимир Каракачанов го поддржуваат зачленувањето на Македонија во ЕУ и НАТО, откако пред десетина дена Каракачанов изјави „Бугарија да не брза со зелено светло за С. Македонија во ЕУ“.

– За темата дали С. Македонија треба да влезе во ЕУ и НАТО со вицепремиерот Красимир Каракачанов сме на ист став. Се разбира дека и Албанија треба да биде членка, изјави Борисов за време на средбата со претставници на Американската трговска комора.

Тој нагласи дека Бугарија следната година ќе биде претседавач на Берлинскиот процес, затоа што, според него, „нуди перспектива и води политика на добрососедство“.

– Историја е многу јасна и добро опишана, вклучително и од Американци пред 120 години, додаде Борисов.

Каракачанов пред десетина дена изјави дека е неприфатливо земјава да мисли дека едноставно ќе ја искористи Бугарија само за влез во Европската Унија, коментирајќи ја изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека меѓудржавната Комисија за историски и образовни прашања меѓу двете земји не мора да има краен рок за својата работа.

– Јас пак велам дека на 17 октомври Бугарија не треба да брза да даде зелено светло за почеток на преговори за членство на Македонија се додека не бидат расчистени сите фалсификати на историјата, изјави Каракачанов.

На 30 септември бугарскиот државен врв одржа консултативната средба кај претседателот Румен Радев, на која присуствуваа Борисов, Каракачанов и вицепремиерката и шефица на дипломатијата Екатерина Захариева.

По средбата Борисов нагласи дека Софија секогаш истакнувала дека Северна Македонија може да смета на неа на патот кон ЕУ, но никогаш не кажала дека безусловно го поддржува нејзиниот прием.

– Иднината на С. Македонија е во ЕУ и тие не треба да си играат со таа шанса… Но, да ја запреме Северна Македонија на патот кон ЕУ, тоа ќе биде запишано во историјата дека сите 27 земји ги поддржале, а само Бугарија ги запрела. Ние сакаме и Албанија да оди заедно со Северна Македонија. Но, никогаш не сме кажале дека безусловно го поддржуваме влезот во ЕУ. Имаме на располагање 71 инструмент во преговорите по поглавјата. Да не си играат со историјата и минатото и да се концентрираат на иднината, рече Борисов.