Ај што е фалсификат, ај што е од комшилук, ама покрива кампања за поправ пат не можеа ни да смислат. А што и би очекувале од една ваква оксиморонска влада, која толку мрачно блеска и која од самиот зародиш е си е фејк власт, оти не ни победија на избори. Велат, СДССС биле на прав пат за да одат во опозиција. Јок, на прав пат се за да одат во историја. А како ќе ги паметат? Епа, по кривините што ги фатија на правиот им пат…

Љупчо ЦВЕТАНОВСКИ

Велат, многу е поумно да кривиш на вистинскиот пат, отколку да трчаш по погрешниот. А чедава наши опортунистички и североглави, „галопираат“ блескајќи на сите страни, абе пичат, рекорди соборуваат. Уште од самиот им старт, рушат рекорди во брзината со која се движат по искривениот им прав пат.

На ова мудрите им стратези од екс Бихаќка секојпат ќе ви одговорат. „Аха, а ти не си за ЕУ и НАТО, а? Та-на-на-на, овој е против ЕУ и НАТО, та-на-на-на, овој е радикал, та-на-на-на, немиен си немиен, пак те заебав!“

Ало, дечки, доста со овие глупоштини и тоа како сега сме биле на „правиот“ пат, па сме ставиле у пета, па претходно сме стоеле во место, аман. Едно те исто, абе Рамбо Амадеус да ви подзавиди.

Продадовте се’ што треба и не треба, за да си извршите задача и за тоа имате чиста петка, ама од оние на кои им годи да „затвораат“ прашања, оние кои цената која државата и народот ја плаќаат не ги интересира. Од народот, пак, имате минус еден. Ќе видите и на соочување со нив, тоа не ви бега де. А ако беше поентата така да се „пичи и блеска“ без скрупули за националното и светото, тоа можеше секој да го направи, ама без никаков проблем. Ска пробљем, нели. Велат, прави добро и чувствувај се добро. Прави лошо и чувствувај се лошо. Толку е едноставно, скроз.

Башка, тука не се работи за разлика во концепти, затоа што вие немате концепт, вие само сакате да бидете на власт. Се гледа од авион. И подалеку. Вие сте единствена политичка дивоградба во светот која се гледа од вселената. Да се гледа и Кинескиот ѕид де, кој, сепак,  бил одбранбен,а вие сте по продажбата.  Ниетот е јасен – да си ги вработите децата, роднините да си ги вдомите, партијците со тендери и фондови за иновации да ги наградите, се разбира. И тука сте „прави“, секоја чест за постигнувањата.

Ама ако правиот ви пат подразбира промена на име на државата, пропратен со силен срам и блам, промена на Устав и менување на преамбула, промена на историја и откажување од историските ни икони, затворање на Македонци за измислен тероризам, сето тоа комбинирано со нула економија, р’шум во култура, хаос во земјоделие  и дузина лажни ветувања, епа дечки, воведувате нови критериуми за „прав“ пат. Впрочем, исто како што воведовте и нови критериуми за правда, зборуваме за 27-ми април и апсааната за патриотите, башка нов критериум за ТЕНДЕРИ, уште понов за ИПА ФОНДОВИ и трошење европски пари, најнов за поимот РЕКЕТ.

Ах, да, кога сме кај почитувањето на правото и законите, најнов пример ви е Законот за двојазичност и шлаканицата од Венецијанската комисија. Супер сте си, за вас Крива река е поим за право, а автопатот ви наликува на Нинбург ринг. Прави сте ко што,впрочем, ви е „прав“ и протоколот, и кај Зоки и Кај Стеки. Прашајте ги Австријците, Црногорците, па и Порошенко и лажниот принц и кој ли не. Бруки едни…

Во меѓувреме, ги фативте сите можни кривини, а за да се оддржите во свиоците политички за нив употребивте сијасет европски знаменца на законите, ама сега, во предизборна треска и соочени со поимот наречен ПОРАЗ, се исправате, ама јако.

Башка, што би рекле, како ќе се исправите со тоа искршените кичми? Коленичевте и се поклонивте на се’ што не треба, ама пред Гоце Делчев не можете. Ау, да бе, дека сте премногу „прави“ нели…

Едно е право, ама вистински – велат дека на тркалото на политиката се возат четворица: едниот се качува, другиот се симнува, третиот е на врвот, а четвртиот? Тој е на дното…