„Некогаш можеби не сме доволно внимателни ние политичарите, некогаш правиме и грешки, но ве уверувам дека тоа е само невнимание“, е делот од објавата на Зоран Заев на неговата официјална ФБ страница, кој според бугарските медиуми  претставува извинување на Заев за изјавата од завчера кога на МТВ кажал дека Илинденското востание е македонско.

Оваа изјава за Илинден предизвика вистинска бура во Бугарија, а бугарскиот премиер Борисов порача дека ќе си припомни на овие зборови кога ќе дојде редот за прием на Македонија во ЕУ, што со други зборови значи дека Бугарија ќе не блокира ако не почнеме и јавно да пропагираме дека Илинден е бугарско востание.

По ова јасно е и каков ќе биде исходот од т.н. преговори меѓу бугарската и македонската комисија за македонската историја.

По овие зборови, следеше подолга објава на Заев на ФБ за бугарско-македонското пријателство и за заедничкото чествување на празниците, во рамки на која се и зборовите за тоа дека политичарите понекогаш прават „грешки“, но дека тоа е од невнимание.

(Објавата на Заев https://denesen.mk/zaev-za-prijatelstvoto-so-borisov-i-bugarija-zaedno-kje-bideme-kako-edno-semejstvo/)

И навистина, кои се тие грешки што еден македонски политичар ги направил во однос на Бугарија, а сето тоа ставено во контекст на бурните реакции од Софија, по што следеше објавата на Заев, освен ако тоа не е изјавата дека Илинденското востание е македнско? Така дојдовме до ситуација кога еден македонски политичар кој ја врши функцијата премиер се извинува на соседна држава зашто кажал дека нашето востание е наше.