Претседателот на бугарскиот Парламент Росен Желјазков денеска ќе престојува во работна посета на Собранието на Република Македонија. Желјазков ќе има средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, по што ќе ја отворат изложбата „Сребрена Тракија“ во Археолошкиот музеј.
Изложбата е организирана од Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија и ќе бидат претставени 1700 експонати од 18 бугарски национални, регионални и општински музеи.
Бугарските медиуми јавуваат дека Желјазков пред работаната посета, ќе ја посети црквата „Свети Спас“ и ќе положи венец пред саркофагот на Гоце Делчев. Потоа ќе присуствува на настан организиран од Бугарскиот културно информативен центар во Скопје, на кој ќе бидат поделени ваучери за интернет обука за деца со посебни потреби, на нивни родители и наставници.
Поради посетата на Желјазков македонското МВР соопшти дека денеска и утре ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците во централното подрачје на Скопје.
Фото: МИА архива