Универзитетскиот професор д-р Љубомир Цуцуловски реагира на изјавата на лекарот д-р Злате Мехмедовиќ и неговиот став дека вакцината Фајзер против коронавирусот може да се употребува и откако ќе и измине рокот на употреба.

Реакцијата на Цуцуловски објавена на Фејсбук, ја пренесуваме во целост:

ШТО Е КРАЕН РОК? Тукушто го отслушав разговорот со д-р Злате Мехмедовиќ, чија медицинска специјалност не ми е позната. Емисијата/разговор одеше на Македонското радио – Радио Скопје, на фреквенцијата 97.3 MHz. Помеѓу другото, докторот уверуваше (со самоуверен и смирен тон) дека употребата на вакцините „Фајзер“ е безбедна и после, како што децидно рече, нејзиниот к р а е н рок.

Синтагмата „краен рок“ самиот ја употребуваше. Колку што знам, било кој производ со изминат, краен рок, макар било и еден ден, се исфрла од рафтовите и се уништува. Сепак, со вакцините „Фајзер“ можело и поинаку. Можеле слободно да се употребуваат и после нивниот краен рок – тврдеше д-р Мехмедовиќ. Затоа, искрено го прашувам:

1. Зошто лековите (во случајов вакцините „Фајзер“) би биле исклучок?

2. Што значи, според него, краен рок и која е смислата да се назначува крајниот рок, ако производот може да се употребува и потоа?

3. Дали би купил и консумирал прехрамбен производ (на пример, салама или овошен сок) со изминат рок?

4. Ако не, тогаш зошто е поопасно да се употребува храна со изминат рок (на пример, сок) од употребата на вакцините „Фајзер“?

Моите прашања/недоумици се едноставни и природни, својствени за секој лаик во медицината. Затоа, очекувам д-р Злате Мехмедовиќ на нив ј а в н о да одговори/објасни, онака како што ј а в н о ги изнесе своите гледања за вакцините со изминат рок. Во спротивно, нека не се чуди зошто се губи довербата кон вакцинирањето и кон некои наши експерти и „експерти.“