Паролата до пациентите „седете дома, јавувајте се по телефон и немојте да одите на лекар“, е најголемата грешка, рече д-р Вело Марковски, кој вечерва беше гостин во емисијата „Само Вистина“ на ТВ Канал 5.

– Генерално што е најголемата грешка? Тоа е паролата „седете дома“, јавувајте се по телефон и немој да одите на лекар. Штедете ги лекарите, немојте по рецепти да одите во аптеки. Значи, маса на луѓе оставивме без да ги види матичен лекар што е нон-сенс. Тука ние имаме проблем. И после кажуваат доцна им доаѓале пациентите. Па, како да доаѓаат кога вие им кажувате да не доаѓаат на лекар. А клиничката слика од пролетта до сега е сменета кај пациентите од оваа болест. Скоро кај сите починати постои бактериска пневмонија со јасни параметри, со високо CRP, со висока седиментација и пореметени фактори на коагулација. И затоа пациентите треба да ги лекуваме соодветно. Не смее да се пушти пациент да не биде виден, да не биде прегледан, рече Марковски.

Другиот проблем, додаде тој, е раното давање на антибиотици.

– Давање на антибиотик за време на инфекцијата може да има катастрофални последици. Тоа не е мој став, тоа е став на науката. Се прашувам дали се вклучени најдобрите доктори, најдобриот персонал, не можете вие да одите само со партиски членови во борбата со оваа епидемија, рече Марковски.