Најмногу ме загрижува тоа што се случува во регионот со големата кашлица, нешто што го има во соседните земји неминовно е да дојде и кај нас, вели микробиологот, професор Никола Пановски во разговор за „Телма“. Вели дека во Србија, па дури и во Хрватска како членка на Европската Унија, до тој степен е навлезено антиваксерството, што ни Македонија не би можело да се рече дека е далеку од тоа, без оглед што деновиве расте бројот на оние кои се вакцинираат. Доказ за тоа, според Пановски, се некои само навидум урбани општини и епидемијата со морбили која не беше така одамна и која може пак да се случи.
Гледав резултати во Шуто Оризари, скопска општина немаше ниту еден случај на морбили, кога беше епидемијата. Зошто? Затоа што е најголем степен на вакцинација во Македонија. Порачувам баш од ова место, општина Центар и општината во која живеам Карпош, големите интелектуалци под наводници да се огледаат на своите сограѓани од Шуто Оризари. Посебна порака до кумановците и струмичаните кои имаат најнизок степен во Македонија, зборам на републичко ниво, а поздрав до прилепчани кои имаат единствено заедно со Кочани кои имаат 98% имунизација, значи 3% над она што го бараме за имунизација. Самиот факт дека во Шуто Оризари каде најмногу може да се пренесува болеста, заради начинот на живеење и субстандардни услови, голем број на деца ја примија вакцината за морбили, се надевам и за црната кашлица постигнала успех, нека им служи на овие „големите“ интелектуалци, некои доктори на науки итн, што расправаат прикаски и нека се погледнат во огледало, вели Пановски.
Важно е родителите да бидат свесни дека и кога ќе ги вакцинираат своите деца и ќе ја добијат потврдата со која може да посетуваат градинка веднаш да не ги носат во градинка.
И како што беше со Ковидот, што медицински е неоправдано, го вакцинираме денеска и истиот ден му даваме потврда што е глупост. Тој не е заштитен, никој не е заштитен после боцкањето. За некоја болест треба месец, два, најмалку три недели за да стекне имунитет. Значи сега ќе го боцнеме и ќе го пуштиме во градинка, а ниту треба да го примат таму, треба да помине време за бебето или детето да добие имунитет, вели д-р Пановски.