До 19 часот и 30 минути вечерва може да се поднесуваат приговори за сумирањето и утврдувањето на резултатите од предвремените парламентарни избори.

До Државната изборна комисија (ДИК) вчера пристигнаа 82 приговора и едно барање за увид во неважечките ливчиња од гласањето.

Според портпаролот на ДИК, Адмир Шабани, најголем број од приговорите, 74, се од Алијанса за Албанците, но има и два од ВМРО-ДПМНЕ кои се однесуваат на сумирањето на резултатите од гласањето.

До 21 часот вчера траеше рокот за поднесување приговори за постапката на гласање.

Роковите за приговори почнаа да течат завчера вечер, откако ДИК ги објави неофицијалните конечни резултати од изборите.

По завршувањето на роковите за поднесување приговори, ДИК ќе закаже седница на која јавно ќе ги разгледа и ќе одлучува, соопшти вчера претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.

Инаку, вчера техничкиот премиер и носител на листа на коалицијата Можеме, Оливер Спасовски, изборите ги оцени како „кристално чисти“ и со „европски вредности“.