Во Вашингтон денеска се одржува состанокот на НАТО на ниво на министри за надворешни работи, на кој прв пат, во својство на „поканета земја” ќе учествува и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

– Силни сме колку што ни е силна армијата и економијата и колку што ни се силни демократските институции. Но, силни сме и толку колку што имаме пријатели! Никогаш веќе нема да одиме сами. Со нас ќе бидат 29 НАТО сојузници – еден за сите, сите за еден!, истакнал министерот за надворешни работи Никола Димитров во обраќањето на настанот „NATO Engages: The Alliance at 70”,  во Вашингтон.

Димитров заедно со грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос, како што денеска соопшти МНР, дискутирал за улогата на лидерството во надминување на историски разлики, како клуч за разрешување на децениски спорови.

По обраќањето Димитров имал билатерални средби со министрите за надворешни работи на Турција, Белгија, Исланд, Италија и Словенија, со фокус на ратификацијата на Протоколот за НАТО, а имал интервју за „Гласот на Америка”, како и заедничко телевизиско гостување со министерот Катругалос во PBS News Hour.

Претходно, Димитров остварил  средба со државниот секретар Мајк Помпео на која тој непосредно му ја пренел силната заложба на САД за приклучување на Северна Македонија во Алијансата до крајот на годината.

Во предвечерието на 70 години од основањето на НАТО, од местото на Договорот, зборувајќи за современите предизвици за Алијансата, стои во соопштението од МНР, Помпео порачал: „за среќа, нашата бројка расте! НАТО обединува 29 нации“.

– Оваа година се подготвуваме за добредојде за триесеттата – Северна Македонија!, истакнал Помпео и изразил задоволство што минатата седмица до американскиот Сенат е поднесен документот за ратификација на Протоколот за членство на земјата во НАТО.

Генералниот Секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пак, во обраќањето на заедничкиот состанок на Конгресот во Вашингтон, на кој присуствуваше и министерот за надворешни работи Никола Димитров, потенцирајќи дека е добро да се имаат пријатели, им се заблагодарил на земјите-членки за отвореноста кон Република Северна Македонија, некриејќи го задоволството од постигнатиот напредок на земјата кон остварување на крајната цел.