Во периодот пред нас една од клучните задачи ќе биде финализирање на активностите за просторна дислокација на АНБ во нов објект, како и кадровско доекипирање, континуирана кадровска обнова и соодветна обука за делување согласно високите НАТО стандарди, veli директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски во интервју за МИА.

Во интервјуто, по повод една година од работата на АНБ, Димовски додада дека „не помалку важно е техничкото доопремување заради успешно спротивставување на современите предизвици и закани  во услови на исклучително динамичен техничко – технолошки развој“.

При реализација на кадровското доекипирање, наведува, ќе се води сметка и за соодветна и правична етничката и родовата припадност, но пред се со почитување на критериумите за стручност и компетентност.

Во интервјуто за МИА, Димовски говори и за императивот на АНБ – создавање безбедна средина, при што истакнува дека по полноправното членство во НАТО, АНБ стана составен дел и рамноправен партнер на безбедносно разузнавачкиот сегмент на Алијансата.

– Во овој период има(в)ме стабилна безбедносна состојба во земјата, вели меѓу другото Димовски.

За „бомбите“, кои се објавуваат и за власта и за опозицијата во текот на предизборната кампања вели дека анализата на тие материјали покажува дека се работи за документирана комуникација од временски период пред отпочнувањето со работа на АНБ и дека истите не потекнуваат од примена на институционални мерки.

Сепак, додава тој, со оглед на местото и улогата на Агенцијата во безбедносниот систем останува да се утврди потеклото и начинот на обезбедување, како и обврската да се оневозможи каква било примена на вакви активности надвор од законот во иднина.

Говори и за потребата од, како што подвлекува, реална потреба од планско инвестирање, и во кадар, и во опрема, и во обуки…, за соработката со странски безбедносни сервиси, пред се од земјите од непосредното и пошироко соседство, за спроведувањето на полиграфското испитување и тест за интегритет и за други прашања поврзани со делувањето на АНБ.

Во продолжение следува целото интервју со Виктор Димовски:

Една година од функционирањето на Агенцијата за национална безбедност. Кoлку сте самостојни, и како работите, бидејќи агенцијата беше една од клучните реформи во безбедно-разузнавачкиот систем на патот на земјата кон ЕУ?

– Во рамки на темелните структурни реформи на безбедносно разузнавачкиот систем основањето на Агенцијата за национална безбедност имаше за цел надминување на слабостите од минатото и создавање кредибилен и ефикасен субјект како дел од системот за заштита на националната безбедност. Со отпочнувањето со работа на Агенцијата точно пред една година беше направен последниот чекор во реформата на безбедносниот сектор во нашата земја со кој Управата за безбедност и контраразузнавање, која во изминатиот период беше злоупотребена за поединечни и групни интереси, конечно замина во историјата. Претходно, согласно препораките од Извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе и согласно мерките во владините планови 3-6-9 и Планот 18 беше формирана и Оперативно техничката агенција (ОТА). Реформскиот процес на безбедносно-разузнавачкиот систем се надополни со формирање на Телото за координација на безбедносно-разузнавачката заедница.

Формирана по урнек на модерните европски безбедносни сервиси и кадровски екипирана согласно високите НАТО стандарди, Агенцијата за национална безбедност целокупните свои капацитети ги насочува кон следење на современите безбедносни предизвици и подготвеност за брз и ефикасен одговор на потенцијалните закани и ризици по безбедноста на државата и нејзините граѓани.

Со плански реализираните активности во изминатиот едногодишен период и со постојаната надградба на сопствените нормативни, кадровски и информатичко технички капацитети Агенцијата е во целост подготвена да одговори на потенцијалните закани како професионален, независен и отчетен безбедносен сервис во согласност со законската регулатива и со почитување на високи етички и професионални стандарди.

Каква е безбедносната состојба од ваш агол?

– Создавањето на безбедна средина претставува наш императив, што не е едноставна задача во услови на комплексно безбедносно опкружување, на глобализација и дигитализација, но и на глобален натпревар за економски баланс, владеење со информацијата и зголемување на моќта на недржавните чинители.

Во ваков динамичен и непредвидлив контекст се следат геополитичките односи, развојот на настаните на терористички и екстремистички план, примената на нови технологии со можна двојна намена, како и современите форми на сериозен и организиран криминал и коруптивно однесување со потенцијал за нарушување на економската безбедноста на државата.

Имајки го предвид наведеното, како и збиднувањата поврзани со продолжената изборна кампања, кризната и подоцна, вонредната состојба поврзана со напорите за надминување на Ковид 19 пандемијата со пропратните економски и социјални придружни ефекти се наметнува оценката дека во овој период има(в)ме стабилна безбедносна состојба во земјата.

Колку вашето искуство како дипломат од кариера, своевремено прв разузнувач на АР Ви користи во контактите и соработката со другите агенции?

– Искуството на носителите на јавна функција во различни средини се перцепира различно, зависно од демократската зрелост, политичката култура, воспоставените практики …

Во дадениов случај, поминатите две и пол децении во дипломатска служба и претходно воспоставената лична комуникација со влијателни личности на раководни позиции во политиката, дипломатијата и безбедноста секако дека се од голема полза.

Што и недостига најмногу на агенцијата, кадар, опрема, обуки или слобода независност во работењето ?

– АНБ е нов самостоен орган на државна управа со прецизно утврдени надлежности согласно постојното законско решение. Изоден е значаен дел од реформскиот пат, се обидуваме со напорна работа да одговориме на сложените безбедносни задачи, со чесен и професионален однос да ги надминеме да ја промениме воспоставената перцепција и предрасудите од минатото, да креираме атмосфера на доверба и да обезбедиме поддршка од граѓаните како партнер во заштитата на безбедноста на државата.

Од друга страна, имаме воспоставено атмосфера на целосна доверба со сите релевантни општествени чинители и имаме слободен простор за целосен  професионален пристап, без никакво мешање, сугестии и притисоци од страна.

Досега беа направени значајни чекори на планот на етаблирање, соодветно кадровско и техничко екипирање, институционално позиционирање, и успешно отпочнување со работа. Сепак, со оглед на тоа што живееме во ера на брзи и непредвидливи промени кои не познаваат граници, во сложено безбедносно опкружување исполнето со низа предизвици, закани и ризици со растечки потенцијал, во ера на глобализација и дигитализација со галопирачко зголемување на моќта на недржавните чинители имаме реална потреба од планско инвстирање, и во кадар, и во опрема, и во обуки…

Каква е соработката со агенциите од регионот?

– Во изминатиот перид направен е значаен исчекор на планот на воспоставување на интензивна соработка со странски безбедносни сервиси, пред се од земјите од непосредното и пошироко соседство, како и од земјите членки на НАТО. По полноправното членство во НАТО, АНБ стана составен дел и рамноправен партнер на безбедносно разузнавачкиот сегмент на Алијансата.

Кои се вашите приоритети за претстојната година?

– Во периодот пред нас една од клучните задачи ќе биде финализирање на активностите за просторна дислокација на АНБ во нов објект, како и кадровско доекипирање, континуирана кадровка обнова и соодветна обука за делување согласно високите НАТО стандарди. Не помалку важно е техничкото доопремување заради успешно спротивставување на современите предизвици и закани  во услови на исклучително динамичен техничко – технолошки развој. Останува како задача и дозаокружување на процесот на донесување на подзаконски и интерни акти поврзано со претходно донесување на одредени законски решенија од други области, како и иницирање соодветни законски решенија заради целосно усогласување со одредени одредби содржани во Законот за АНБ. Сето ова, ќе биде проследено со натамошно континуирано растење преку унапредување на процесот на оперативно и оперативно аналитичко работење, натамошно јакнење на меѓуинституционалната и меѓународна соработка, целосна отвореност кон институциите задолжени за надворешна контрола и соодветна медиумска транспарентност.

Во текот на предизборната кампања слушнавме многу нелегални снимки на разговори на претставници и на власта и на опозицијата, многумина кампањата ја нарекоа „бомбашка“ јасно е дека  во земјава има нелегално прислушување? Како тоа се протнува покрај вас?

– Анализата на материјалите покажува дека се работи за документирана комуникација од временски период пред отпочнувањето со работа на АНБ и дека истите не потекнуваат од примена на институционални мерки. Сепак, со оглед на местото и улогата на Агенцијата во безбедносниот систем останува да се утврди потеклото и начинот на обезбедување, како и обврската да се оневозможи каква било примена на вакви активности надвор од законот во иднина.

Работата ја почнавте со низа обвинувања за кадровски решенија, односно дека има вработени за кои има кривични пријави, некои со двојно државјанство, но и за мала застапеност на припадниците на албанската етничка заедница. Каква е состојбата по една година?

– Работата на безбедносните служби секогаш е предмет на јавен интерес и честопати на критики кои во многу случаи се основани. Но, тоа не беше случај во примерите кои ги посочувате. Промените при формирањето на Агенцијата беа радикални, и секогаш кога има радикални промени, сосем очекувано е да има отпор од оние кои се опфатени од истите. Меѓу селектираните нема ниту еден случај со двојно државјанство иако за жал, поради законското решение моравме да се откажеме од неколку кандидати со долгогодишно искуство и со професионален профил неопходен за нашето работење. Не беше воопшто основана ниту забелешката во поглед на застапеноста на останатите етнички заедници, затоа што како што и тогаш аргументирав, ние уште на самиот почеток на работа ја зголемивме таа бројка за неколку проценти во однос на претходниот период. Во изминатиот осум месечен период, поради законските одредби во Изборниот закон и Законот за корупција и спречување на судирот на интереси не беше возможно да се вршт нови вработувања. Но, како што претходно споменав, кадровското доекипирање, континуираната кадровска обнова и соодветна е еден од нашите приоритети и при реализација на истите ке се води сметка и за соодветна и правична етничката и родовата припадност, но пред се со почитување на критериумите за стручност и компетентност.

Се менува нешто во критеримите за прием во иднина, по процесот на ветинг станува константа ..?

– Условите и постапките за засновање работен однос во Агенцијата се прецизно законски дефинирани. Истото се однесува и во поглед на ветингот кој е пропишан во член 69 од Законот за АНБ и кој по формалното членство во НАТО се спроведува согласно највисоките НАТО стандарди.

При вработувањето предвидовте спроведувањето на полиграфското испитување и тест за интегритет, како течат овие процеси?

– Во изминатиот период беа преземени потребните активности и постапките за обезбедување и примена на истите се во тек. Полиграфското тестирање и тестот за интегритет се исто така законски пропишани, иако беа проследени со предизвици во имплементиацијата поради недостаток на соодветни нормативни, кадровски и технички ресурси во земјата, потребната од подолготрајна временска подготовка за реализација на истите, како и спецификите на безбедносната професија.

Најавивте дека ќе се вработуваат во АНБ најдобрите студенти кои ќе покажат интерес, има ли новопримени млади кадри?

– Да, и остануваме на таа определба. Досега се склучени Меморандуми за соработка со Универзитетот Св. Кирил и Методиј и Св. Климент Охридски, а подготвени се текстови на Меморандуми за соработка и со Тетовскиот и Штипскиот Универзитет, но потпишувањето беше одложено поради одредбите во Изборниот закон кои санкционираат вакви активности во изборен период.  Помеѓу другото, со ваквата заложба сакаме да пратиме и порака дека местото на младите луѓе е во татковината и дека, за најдобрите секогаш ќе има место институциите во кои во демократските општества е чест да се работи.

Неодамна излеговте со соопштение како одговор на обвинувањата од страна на сега поранешниот техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев дека АНБ не располага со опрема за следење на комуникации, ниту со медијациски уреди за активирање на следењето на комуникациите во мрежите на опeраторот. Имате-немате доволно опрема?

– Изјавата и наводите на тогашниот технички министер за внатрешни работи беа целосно неосновани и политички мотивирани. Во оваа прилика можам само уште еднаш да ги повторам наводите содржани во соопштението дека согласно Законот за Оперативно техничката агенција, целата опрема е предадена на ОТА уште во октомври 2018 година.

„Во записникот за примопредавање на опремата е заведено и дека се предадени и медијациските уреди, сопственост на телекомуникациските оператори, кои до тогаш се наоѓале во МВР односно УБК. Примопредавањето е вршено под надзор на Комисија во чиј состав, покрај другите имало претставници на Врховниот суд и парламентарната комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите. Исто така, Агенцијата нема техничка можност самостојно и независно да активира и да врши следење на комуникации во мрежите на телекомуникациските оператори без посредство на Оперативно техничката агенција“.

Впрочем, и јавниот обвинител во постапката по писменото известување на техничкиот министер оцени дека наводите во истото се неосновани.

Она што ја прави современа АНБ е воспоставениот систем на парламентарна и граѓанска контрола, колку досега средби односно контроли се направени од страна на овие институти, и каква е соработката со овие тела ?

– Остварена е успешна соработка и со контролните тела над работата на АНБ при што е манифестирана целосна подготвеност од наша страна за реален увид во сите активности на Агенцијата. Карактеристика на изминатиот период беше интензивната комуникација и соработка со Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, како и со Комисијата за надзор на мерките за следење на комуникациите. За илустрација, ќе споменам дека во периодот до распуштањето на Собранието поврзано со предвремените избори имав десетина средби со членовите на двете парламентарни надзорни комисии, што е повеќе од средбите на сите директори на поранешна УБК заедно.

Се надевам дека и со новиот парламентарен состав ќе продолжиме во иста насока, а воедно цврсто верувам дека претстојнитеите преговори за членство во ЕУ ќе ни бидат дополнителен катализатор за унапредување во овој значаен исчекор.

АНБ се уште е во старите простории на МВР, а е самостојна агенција надвор од рамките на МВР, како дел од реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем во нашата држава. Има ли некакви шанси во скоро време да добиете нов, свој  простор?

-Имплементацијата на концептот на функционирање на Агенцијата како самостоен орган на државна управа покрај останатото, вклучува и физичко, односно просторно одвојување од МВР. Во оваа насокаво текот на изминатата година беа преземени соодветни активности за обезбедување соодветен објект и со одлука на владата истиот беше отстапен за потребите на Агенцијата. Со отпочнувањето на изборниот процес, а имајќи ги предвид надлежностите на техничката влада овие активности беа запрени, а поради вонредните околности поврзани со напорите за менаџирање на пандемијата со Ковид 19, одлагањето, за жал се пролонгира. Оттука, финализирање на активностите за просторна дислокација на АНБ во нов објект ќе биде на врвот на нашата, и секако, на агендата на Владата во претстојниот период. Притоа, свесни сме дека притоа мора да се води сметка за потребите за справување со пандемијата со коронавирусот и стабилноста по тоа прашање. Сапак, се надевам дека наскоро ќе го правиме следното интервју во новите простории.

Може ли да ни го појасните процесот на добивање односно издавање на безбедносните сертификати, важни за вработените или за вработување во АНБ?

– Согласно одредбите во Законот за класифицирани информации постапката за издавање на безбедносни сертификати вклучува повеќе активности. За издавање на безбедносен сертификат за пристап до соодветен степен на класифицирани информации, заинтересираното физичко или правно лице поднесува писмено барање до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Исполнувањето на условите за издавање на безбедносен сертификат се утврдува преку безбедносна проверка. Безбедносната проверка се врши врз основа на претходна писмена согласност од физичкото или правното лице кое поднело барање за издавање на безбедносниот сертификат.

Цветанка Миновска

фото МИА архива