Извршниот директор на американската фармацевтска компанија Фајзер, Алберт Бурла, смета дека фармацевтската индустрија ќе процвета во следните десет години, на бранот на продолжување на животниот век и научни и технолошки откритија.

– Во следните десет години нашата индустрија ќе процвета, поттикната од науката и природното движење на населението. Како што се зголемува животниот век, се појавуваат нови болести, а нашата индустрија се соочува со научна ренесанса благодарение на комбинацијата на откритија во биологијата и моќта на технологијата. Пандемијата на коронавирус ги забрза тие трансформации, рече Бурла во интервју за италијанскиот Ла Ребулика.

Тој, исто така, смета дека пандемијата покажала дека јавно-приватните партнерства се интересни и ја нагласи потребата од забрзување на регулаторните процедури за одобрување лекови.

– Да не беа толку брзи европските и американските агенции за лекови, немаше да имаме ниту лек, ниту вакцина. Таа агилност мора да стане норма за лекување на ракот, рече Бурла.

Кога станува збор за можниот развој на вакцини поради појавата на нови варијанти на Ковид, Бурла истакна дека „рано е да се каже дали ќе биде потребна почеста ревакцинација или нова вакцина“.

– Разгледуваме многу опции, вклучително и вакцина која штити од омикрон. Ќе одлучиме до март, а тоа ќе зависи од резултатите од нашето истражување. Можеме веднаш да започнеме со производство, заклучи Бурла.