Бројот на пациенти со мозочен удар драстично се зголеми во последните неколку години, алармираат лекарите. На тоа влијаеле повеќе фактори, но пред се постојаниот стрес, брзото темпо на живот, како и честите нагли промени на времето, главно за повозрасните граѓани.
Загрижува податокот дека расте бројот на млади лица со мозочен удар.
Додека кај повозрасната популација причините се честопати други заболувања, кај помладата популација, лекарите велат дека во прашање е животниот стил, премалку физичка активност, но и преголема конзумација на алкохол и дрога.
„Кај помладите да алармирам дека конзумацијата на кокаин којашто навистина ни е во подем е еден од ризик факторите за појавата на мозочен удар“- вели д-р Драгана Петровска од Универзитетската клиника за неврологија, пренесува ТВ 24.
„За жал брзото темпо на живеење и стресот ја поместуваат старосната граница. Се почесто се јавува кај луѓе помлади од 65 години.“ – вели д-р Фатмир Меџити министер за здравство.
Мозочните удари почесто се јавуваат кај мажите, но посериозни последици оставаат кај жените. После кардиоваскуларните заболувања, мозочните удари се меѓу најчестите појави кај населението.
Клучно за раното препознавање е брзата реакција.