„Залепените декларации биле од претходниот увоз, кој бил со важност до месец октомври 2018 година. Истите се пронајдени во ЗД Крушево, ЗД Струга, ЗД Велес, ЗД Демир Хисар, ЗД Крива Паланка, ЗД Вевчани, ЗД Охрид и ЗД Скопје“, велат од Министерството за здравство.
Од таму тврдат дека сите дози од МРП-вакцината се со добар и проверен квалитет од реномираниот европски производител GlaxoSmithKline од Белгија. „МРП-вакцината е безбедна и произведена во Европската Унија. Има 2 сертификати, за квалитет од производителот и од контролна лабораторија. На секоја кутија вакцина и на секое шишенце вакцина има т.н. воден жиг на кој стои дека се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година. Ова е единствената потврда дека сите вакцини се апсолутно безбедни и со важечки рок“, велат од Министерството за здравство.
Вонреден инспекциски надзор направил МАЛМЕД во Скопје, а од Министерството најавуваат дека утре инспектори од МАЛМЕД ќе одат повторно на терен за да ги потврдат наодите каде што е откриено дека има од вакцините со погрешни декларации во вакциналните пунктови во другите градови.