Два смртни случаи од коранивирусна инфекција денеска се регистрирани во Флорида, први жртви на болеста на источниот брег на САД, каде вирусот се шири брзо и заклучно денеска во земјава се забележани вкупно 340 случаи на инфекција, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Федералниот Центар за контрола и превенција на заболувањата (ЦДЦ) денеска соопшти луѓето во поодминати години и оние со сериозни здравствени проблеми да не излегуваат надвор и да избегнуваат места со толпи луѓе. Според препораките на ЦДЦ, постарите луѓе и оние со здравствени проблеми вклучувајќи срцеви, белодробни или бубрежни заболувања „да останат дома колку што е можно подолго“

Досега во САД вкупно 16 луѓе починаа од вирусот, што во изминатите два месеца се прошири во глобална пандемија. Тринаесет смртни случаи се од сојузната држава Вашингтон, еден е од Калифорнија, два од Флорида. Според Одделот за здравство на Флорида, починатите биле на над 70 годишна возраст и патувале во странство.

Од вчера, најмалку седум сојузни држави објавија дека на нивна територија се забалежани заболувања од Ковид-19, додека неколку држави каде претходно се појавија првите случаи соопштија дека бројот на инфекции се зголемил, според податоците објавени од универзитетот Џон Хопкинс, еден од најистакнатите научно-истражувачки центри во областа на медицината во САД.

Како што е веќе познато, во крузерот укотвен недалеку од брегот на Сан Франциско тестот за короноавирус е позитивен кај најмалку 21 лице.

Вашингтон и Калифорнија неделава прогласија вонредна ситуација, а тоа синоќа го сторија и Јута, Мериленд и Кентаки. Во некои од државите веќе се откажуваат настани каде се собираат толпи луќе, како на прмер фестивалот „Југ-југоисток“ во Остин, Тексас, каде следниот петок требаше да дојдат над 100 илјади посетители.

На глобално ниво досега се регистрирани над 104 илјади коронавирусни инфекции, а починаа над 3.500 луѓе, најголем дел од нив во Кина.