Собранискиот спикер Талат Џафери смета дека пратениците се однесуваат различно кога се присутни медиумите и се вклучени камерите, а поинаку кога нема медиуми.

-Мојата забелешка на вчерашната седница беше упатена на тие што излегуваат и ти им укажуваш десет пати дека излегуваат надвор од тема. Ги обзема камера, ги обзема микрофонот и што да правам, вели Џафери.

Одговарајќи на прашање на денешната средба со новинарите колку може да се дозволи да се дискутира за многу работи кои не се точки на дневен ред, Џафери рече дека процедурата предвидува секој пратеник да говори околу точката на дневен ред и да се држи до неа.

-Ако станува збор за избор на влада или реконструкција како што беше случај вчера, не може да се зборува само за предлогот, туку и за целата влада и работењето. Овде имаше избор на влада и не може да се огранични да се зборува поединечно само за едно кадровско решение, рече Џафери.

Тој вели дека во случај на грубо бегање од темата, тој би требало на говорникот да му го одземе зборот, да му го исклучи микрофонот, но оти во такви случаи се создаваат тензии, кои, како што рече, треба да се избегнуваат секогаш кога тоа е можно.

Ова, рече Џафери е и прашање на политичка култура и сите треба да работиме тоа да се подобри иако пратеникот има голема слобода кога се обраќа од говорница.