Никогаш, никаде и никому не сум вршел притисок што се однесува по однос и на мој статус и по однос на членови на семејство, изјави денеска претседателот на Собранието Талат Џафери, одговарајќи на прашање дали влијаел на одлуката за предвременото полагање правосуден испит за неговиот син.
Во однос на извештајот на МВР за затворената седница на која директорот на АНБ Виктор Димовски даваше отчет за случајот „Онишченко“, Џафери рече дека е добиен и денеска е пуштено соопштение до Комисијата дека има предуслови да продолжи со работа.
– Определена е друга просторија каде во наредниот период ќе може да се одржува седницата, рече Џафери на заедничката прес-конференција со претседателот на Собранието на Косово Глаук Конјуфца.
По однос на дојавите за бомби, Џафери вели дека досега се потврди дека тоа се лажни дојави, но, како што посочи, не е на одмет институциите соодветно да ја следат ситуацијата и ја следат.
– Јас како носител на функцијата претседател на Собранието и секако член на Советот за безбедност на дневна основа сме информирани за состојбите и цениме дека нема потреба од поинакви дејствија. Секако институциите соодветни кои како извршна власт се надлежни да ја следат состојбата и да преземаат мерки си преземаат сите соодветни мерки по однос на состојбата. Така да, стоиме на располагање доколку претседателот на државата како претседател на Советот за безбедност цени дека има потреба за средба ние стоиме на располагање, посочи Џафери.