Платите во Македонија статистички растат и во време на корона криза, во период во кој реално педесетина илјади работници останаа без работа поради затворање на фирмите.
Просечната месечна нето-плата по вработен во октомври 2020 година изнесува 27.899 денари и е повисока за 8,4 отсто во однос на истиот месец лани, за 2.173 денари. Дополнително, споредено со месец септември истата е повисока за 1,8 отсто, или за 494 денари, објави денеска Државниот завод за статистика.
Според ДЗС, зголемувањето на просечната нето плата, се должи, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите здравствената и социјалната заштита, потоа уметност, забава и рекреација и преработувачка индустрија.
Согласно податоците на ДЗС, просечната бруто-плата, е за 9 отсто повисока од октомври минатата година, а за 2 отсто повисока од септември годинава. Просечната бруто плата изнесува 40.344 денари.